Објавен е трејлерот за телевизиската серија „Успех“ која „Ејџ-би-о адрија“ ја снимаше во Загреб, а сценариото го напиша Македонецот Марјан Алчевски, кој со години живее во Хрватска.

Премиерата на „Успех“ е закажана за 6 јануари 2019 година на „Ејџ-би-о“, а истиот ден сите шест епизоди ќе бидат достапни на „Ејџ-би-о Гоу“.

„Успех“ е телевизиска серија, која првпат во регионов собира голем број актерски имиња од Хрватска и од соседните земји. Серијата ја режира оскаровецот Данис Тановиќ, а сценаристот Алчевски е еден од победниците на „Ејч-би-о адрија“ за прво сценарио.
Интересот за конкурсот беше огромен, учествуваа повеќе од 500 сценарија, а Алчевски ја освои продукцијата со неговата повеќеслојна драма во шест дела. Серијата се базира на животот на тројца странци, кои ги поврзуваат низа од несреќни настани, а Алчевски вели дека „Успех“ е драмска серија со елементи на криминал.

Алчевски и Тановиќ во шест епизоди создале автентична приказна која може да биде „временска капсула“ за животот во Западен Бакан во втората деценија на 21. век. Дисфункционални семејства, средна класа која една неплатена рата за кредит ја дели до пропаст, профитери од транзицијата кои се обидуваат да се трансформираат во чесни бизнисмени, корупција на сите нивоа на државата, нерешени злосторства, сето тоа го има во „Успех“.

Иако настаните се случуваат во Загреб, тој град може да биде и Сараево, Љубљана и Скопје и Белград. Во серијата сè се случува во становите кои може да бидат и на Нов Белград во кои сиот мебел е од „Икеа“, платен со кредите од банките кои работат и во Србија. Џиповите се знак на моќ и организиран криминал, совршено скроените костуми ја кријат валканоста на луѓето кои ги носат. Дури има и статусна поделба на Андроид/Ајфон. Хрватскиот рапер Војко В се слуша од сите страни. И колку и да инстистираат на своите национални идентитети и на единственоста на својата култура, сите на Западен Балкан се исти. Се обидуваат, секогаш неуспешно, да ги глумат животите на оние кои живеат на Запад и во сериите и филмовите на „Нетфликс“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.