Франшизата за најпознатото јапонско чудовиште, кое за првпат се појави на екраните во 1954 година, овојпат според сценарио и режија на Мајкл Доерти, најавува достојно претставување на креацијата на Томојуки Танака и универзумот на Тохо кои Годзила, Родан, Мотра и Гидора ги сметаат за божества.

Танака го создал Годзила како израз на теророт кој Јапонците го чувствувале по бомбардирањето на Хирошима и Нагасаки со атомски бомби. Според изјавата на Танака, Годзила е одмазда на природата против злосторствата на човештвото. Не е изненадувачки што најновото продолжение во рацете на режисер кој е популарен за хорори е оценето дека не е за деца под 13 години заради реалистичните сцени на насилство.

Според Кристијан Даниловски, ко-основач на ФХ3Х ова е триесет и треттиот филм во франшизата.

Во претходните делови критиките беа насочени кон премалку борби меѓу чудовиштата, но овојпат со седумнаесет каиџу креатури, тоа ќе го има доволно. Сите кои сме фанови на оваа франшиза знаеме дека овие филмови всушност имаат многу силна порака врзана за животната средина и суштината која се провлекува е дека доколку не ја почитуваме, природата ќе не надвладее на свој начин. Фасцинантно е да се разгледа развојот на франшизата од една толку силна идеја во педесеттите години, до покривање на разни социополитички прашања низ сите 65 на филмска продукција до денес, со огромна популарност и со огромен успех и проширување кое секако ќе кулминира во најавената битка на Годзила и Кинг Конг во март 2020 година. Овојпат останува да ја откриеме заедно пораката скриена во филмот која се пренесува со децении преку постоењето на Годзила и да уживаме во мајсторството кое што според критичарите е оценето како „најдобрата американска изведба на Годзила до денес“, а на кое ние учествувавме со тим од 80 артисти, на околу 200 кадри, во периодот од април до август минатата година, изјави Даниловски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.