Македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ во режија и по сценарио на Горан Столевски, а во продукција на Лист Продукција – Скопје ќе биде дистрибуриран на територија на САД, преку компанијата Focus Features. Universal Pictures ќе биде интернационален дистрибутер на филмот за останатите територии, додека продажните агенти на филмот New Europe Film Sales од Полска ќе го застапуваат филмот на територија на југоисточна Европа.
Веста за склучените договори за дистрибуција на филмот доаѓаат пред неговата светска премиера, која ќе се одржи на 6-ти септември 2023 година, на 80. издание на филмскиот фестивал во Венеција. „Домаќинство за почетници” ќе биде дел од натпреварувачката програма „Orizzonti“ и ќе биде во конкуренција за наградите за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио, специјална награда од жирито и најдобра машка и женска улога.
Ова е третиот долгометражен филм на режисерот Столевски и прво негово македонско мнозинско остварување. Неговиот дебитантски филм „Нема да си сама“ (You won’t be alone) беше премиерно прикажан на Sundance Film Festival во 2022 година, а истата година, неговиот втор филм „Доволно возрасни” (Of an Age) го отвори Melbourne International Film Festival. И двата филма беа интернационлано дистрибуирани од страна на Focus Features и Universal Pictures.
Focus Features е дел од Universal Pictures, и е компанија за филмска продукција и дистрибуција, чиј фокус при дистрибуцијата се независни и странски (не-англиски говорни) филмови во САД и на меѓународно ниво. Focus Features и Universal Pictures заедно се дел од NBCUniversal, една од водечките светски компании за продукција, маркетинг, забава, вести и информации за глобална публика.
„Домаќинство за почетници” е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија, а продуцент на филмот е Марија Димитрова од Лист продукција – Скопје.
Филмската приказна на Столевски се занимава со универзалните вредности на семејството – она во кое сме се родиле и она кое самите сме го избрале. Дита никогаш немала намера да биде мајка, но сега околностите ја присилуваат да ги згрижи малата немирна Миа и бунтовната тинејџерка Ванеса, ќерки на нејзината девојка. Гледаме битка помеѓу три своеглави жени кои полека прераснуваат во семејство и ќе сторат сѐ за да останат заедно.
Главните улоги во филмот ги толкуваат: Анамариа Маринка (позната по филмот “4 месеци 3 недели 2 дена” (2007) на Кристиан Мунгиу) и Алина Сербан од Романија, Владимир Тинтор од Хрватска, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим од Македонија. Во споредните улоги се: Сара Климоска и Ајше Усеини од Македонија и Розафа Целај од Косово и многу други професионални и непрофесионални актери од Македонија.
Македонски автори кои работеа на филмот се Горан Столевски, кој покрај тоа што е режисер, се појавува и во улога на сценарист и монтажер, Наум Доксевски – директор на фотографија, Роза Трајческа Ристовска – костимограф, Александра Чевреска – арт директор и Горан Игњатовски – маскер. Покрај нив, авторската екипа на филмот ја сочинуваат: Ана Жежничек од Полска како сценограф, Леонора Мехмети Хоџа од Косово како дополнителен маскер, Ален Синкауз и Ненад Синкауз од Хрватска како композитори, Зоран Максимовиќ од Србија како снимател на тон и Ема Бортињон од Австралија како дизајнер на звук.
Филмот дополнително е поддржан и од Полскиот филмски институт, Филмскиот центар на Србија, Хрватскиот аудиовизуелен центар, Косовскиот кинематографски центар. Останатите партнери се: Madants (Полска), Kinorama (Хрватска), Sense Production (Србија), Industria Film (Косово), Tango (САД), Film I Väst и CommonGround Pictures (Шведска), Causeway Films и Adelaide Film Festival (Австралија).
New Europe Film Sales од Полска ги има светските права за продажба на филмот.
Повеќе информации на следниот линк:
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.