Заради сопствени потреби на кадар со очекуван висок квалитет во работата, македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х отвора свое школо за визуелни ефекти со содржини дизајнирани според последните барања и очекувања на светскиот пазар.

Според Миливоје Ѓорѓевиќ, ко-основач на ФХ3Х, динамиката со која се зголемуваат критериумите за квалитет од студијата за визуелни ефекти бара од нас постудиозен пристап во креирањето на елитен кадар.

Визуелните ефекти повеќе не се спектакл, туку хибридна технологија во која виртуелното и реалното треба идеално да се претопат едно во друго до степен да не можат да се разграничат со голо око. Кога ќе ги погледнете само филмовите на кои работевме во последно време, ќе ја забележите разликата за која зборувам, денес зборуваме за „Годзила“, претходно работевме на „Шазам“,„ Авенџерс: Војна на бесконечноста“, „Аквамен“, „Црниот Пантер“, „Венум“, „Предатор“, „Конг“, „Војна на звездите: Последниот џедај“, сериите „Стар трек“, „Американски богови“, „Чувари “(Watchmen), самите ќе забележите дека има сè повеќе ефекти, со сè поголем квалитет. Тоа бара постојано учење на нови технологии, техники, вештини и решивме дека е време повторно да го направиме тоа самите, како што го правевме со над 1.000 средношколци во 2003 година, кога всушност го формиравме кадарот за оваа индустрија во Македонија. Овојпат тоа ќе го правиме во мали групи од 15 артисти, во неколку нивоа со строга селекција, под насоки на нашите најдобри супервизори кои ни го одржуваат Оскаровскиот квалитет веќе 20 години, изјави Ѓорѓевиќ.

Сите заинтересирани можат да се обратат на: fxnest@fx3x.com, од каде ќе почне селекцијата на кандидатите за првата група, која ќе почне со работа од 15 јуни.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.