Популарниот музичар Сем Смит отворено зборуваше за својот изглед и прифаќањето на своето тело во ново интервју за I Weigh Interviews и откри дека на 12 години направил липосукција на градите.

Тој исто така зборуваше за тоа дека комплексите за неговиот изглед биле најголема причина за неговата борба со депресијата.

„Тежината ми е причина за сите мои таги. Се борам со тоа секој ден“, откри Смит.

Во разговорот со Џамел Џамил тој се присети дека кога бил дете го исмевале бидејќи имал истакнати гради и дека се одлучил за липосукција откако некое момче го фатило за градите на игралиште.

„Направив липосукција на 12 години. Тогаш мислев дека сум многу среќен поради тоа. Но, всушност ништо не се смени. Ја вратив тежината во рок од две недели бидејќи не внимавав на исхраната. Но, сепак е голема работа да направите липосукција на 12 години“, беше искрен Смит.

Иако поминал бројни тешки моменти соочен со депресија, тој вели дека во изминативе месеци се чувствува подобро откако почнал со терапија кон крајот на минатата година.

Смит во интервјуто зборуваше и за неговиот родов идентитет. Тој откри дека имало период кога размислувал да го смени полот, но дека со тек на време научил да се прифати себе си онаков каков што е.

„Можеби не сум ни маж, ни жена. Можеби сум едноставно јас и можеби тоа е сосема во ред“, истакна Смит.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.