Саша Ковачевиќ утре во арената „Борис Трајковски“ ќе одржи голем концерт. Пред големиот настап пејачот дојде во Македонија за да го промовира концертот, се сретна со пријатели кои вели дека ги има многу во Македонија, разговараше со повеќе медиуми и мошне трпеливо одговараше на прашањата на новинарите. Во разговор за „Република“, Саша откри детали за новиот сопт кој се снима во Мароко, за омилената музика и филм, што претставува за него идеален одмор…
На 6 април доаѓате во Скопје. Па еве, како најавата за концертот што ќе и порачате на публиката? Ќе има ли некакви изненадувања? Што да очекува?
Секако ќе има изненадувања. Но, сега не би сакал да откривам ништо. Лично, би сакал публиката да дојде исклучиво поради нашата музика и поради забавата која ќе им ја овозможиме како и досега кога сме доаѓале во Македонија. Секако може да очекуваа спектакл и ноќ за паметење.
Како се најдовте во музиката? Дали уште од мал сакавте да бидете пејач?
Не, кога бев мал немав такви желби. Од 5 години се занимавам со музика, но приоритет ми беше клавирот. Завршив нижо и средно музичко училиште. Свирев клавир, а потоа и академија, но ни на крај на памет не ми беше дека ќе бидам пејач. Додека свирев, обично потпевнував зад клавирот и тоа некако остана највпечатливо од целиот тој период. Од 16 години јас потпевнував, а веќе со 17 и 18 години завршив со клавијатурата и повеќе не се вратив на свирењето, продолжив со пеење. Часови по пеење имав во средно училиште, а подоцна не го школував веќе гласот.
Доаѓа лето. Имате ли некакви планови каде ќе настапувате во текот на летните одмори?
Да, кај нас летната сезона секогаш е исполнета и работиме секој викенд. Конкретно датуми и места сеуште не знам, но редовно ги известуваме фановите на социјалните мрежи и така тие секогаш знаат каде настапуваме. Се надевам дека и оваа летна сезона ќе биде како претходната.
Дали ќе дојдете повторно во Македонија во текот на летото?
Се разбира, овде се чувствувам како дома.
Со оглед на тоа дека сте постојано ангажирани и многу работите и настапувате, што претставува за Вас совршен одмор?
Идеален одмор за мене секако подразбира идеална екипа. Што се однесува до мене идеални се одредени дестинации каде нема многу луѓе. Сакам кога одам на одмор, сосема да го разбистрам мозокот и десеттина дена да бидам без телефон. Тоа за мене е идеален одмор. Оваа година навистина не знам кога ќе можам да одам на одмор, се тоа зависи од работата, но кога ќе имаме некој слободен викенд го користиме за одмор.
Сакате ли егзотични дестинации кога избирате место за одмор? Ова прашувам бидејќи честопати вашите видео записи се снимани на такви места, Куба, Мароко…
Во суштина да. Главно работиме јас и мојот брат на сите видео записи. Откако ќе поставиме една мелодија или некој аранжман кога ќе тргне во продукција, во тој период гледаме какво сценарио би направиле и од тоа зависи и дестинацијата на која ќе снимаме. Еве сега за оваа песна најприближно беше Мароко. Ќе видите наскоро зошто го велам тоа…
Ќе ни кажете ли нешто ексклузивно, за што станува збор? Каква е приказната?
Не би сакал пред време да откривам било што. Навистина брзо ќе излезе песната и видео записот и публиката сама ќе види за што се работи. На почетокот на април ќе ја објавиме. Само ќе кажам дека е сосема различна од сите мои претходни песни и спотови.
Каква музика слушате за своја душа?
Главно сакам да слушам џез…Слободното време главно го користам да гледам некој добар филм или џез. Го сакам џезот зошто тоа е навистина музика која не треба гласно да ја слушате, смирува, не обрнувате внимание…Се разбира има доста странски изведувачи кои сакам да ги слушам, но првенствено ќе го издвојам „смут џез“ како нешто што ме релаксира.
Имате ли омилена книга или филм?
Немам некоја одредена ниту книга ниту филм. Јас сум филмофил и сакам да изгледам филм со добра продукција, но немам некој одреден што ми е омилен. Има навистина многу добри и филмови и книги но никогаш не би можел да направам вистинска селексција во смисла, еве овие се моите омилени топ три книги или филмови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.