Најдени се двата француски булдога на Лејди Гага и вратени на претставници на пејачката, објави Би-Би-Си.
Шетачот на кучињата на Гага, Рајан Фишер, беше застрелан пред три дена од двајца мажи кои ги украдоа кучињата од домот на Гага во Холивуд. Фишер е во болница, а неговото семејство очекува тој целосно да закрепне.
Не се познати детали како се откриени кучињата. Според „Асошиејтед прес“, жена ги донела во полициска станица, а претставници на пејачката ги препознале. Жената не е инволвирана и не е поврзана со киднаперите, рекла полицијата.
Лејди Гага понуди 500.000 долари награда за тој што ќе ги најде нејзините миленици, но не се знае дали наградата е дадена.
Пејачката во моментов е во Рим каде снима филм со Ридли Скот.
Снимката од камерите покажува како еден од осомничените пука во Фишер пред тие да ги земат кучињата Коџи и Густав. Третото куче булдогот Мис Азија бега и подоцна е најдено од полицијата. Нападот се случил во 21.40 часот по локално време во средата.
Осомничените му се доближиле на Фишер со возило бел „нисан алтима“, излегле од возилото и побарале од Фишер да ги предаде кучињата. Откако тој одбил, бил застрелан во градите, а тие грабнале две од кучињата и избегале. Киднаперите се опишани како црнци на возраст меѓу 22 и 25 години.
Нејасно е дали кучињата на Лејди Гага биле таргетот. Засега никој не е уапсен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.