Судот во Лос Анџелес ја одби последната жалба од Ник Лоеб, во судскиот случај против неговата поранешна свршеница, актерката Софија Вергара, а во која бараше дозвола да ги искористи замрзнатите ембриони, кои тие двајца ги „создале“ додека биле заедно.

Четириест и осумгодишната актерка и три години помладиот Ник Лоеб ја раскинаа свршувачката во мај 2014 година, откако една година претходно решија да одат на инвитро оплодување, кое помина безуспешно.

Во ноември 2015 година Колумбијката се омажи за актерот Џо Манганиело, а поранешниот свршеник очигледно љубоморен и повреден поради тоа, одлучи во 2017 година да покрене необична тужба.

Вергара ги предаде правните документи во Калифорнија, надевајќи се дека така ќе може да го спречи Лоеб, да може без нејзина дозвола да ги користи замрзнатите ембриони. Тој имал намера со сурогат мајка да добие дете, што актерката го сметала за лудост.

Претходно, веќе еднаш судијата пресуди во корист на Вергара, потсетувајќи дека при оставањето на ембрионите потпишале заедничка изјава дека двајцата мораат да се сложат за какво било користење на замрзнатите ембриони, за што Лоеб најави жалба.

Сега со последната пресуда сите се надеваат дека е конечно завршена оваа сага.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.