Долгоочекуваното судење за убиството на пејачката Јелена Марјановиќ ќе започне во среда во Вишиот суд во Белград. На обвинителната клупа ќе седи нејзиниот сопруг Зоран Марјановиќ, кому ќе му се суди за тешко убиство, за што следи казна до 40 години затвор.
Според обвинението, семејството со патничко возило „мерцедес“, со кое управувала Јелена, дошло до рампата на стадионот, каде пејачката се качила на насипот за да џогира. Веднаш по неа заминал и Зоран, заедно со нивната малолетна ќерка Јана. Ја стигнал Јелена на околу километар од местото каде паркирале. Ја искористил нејзината доверба и ја намамил да се спуштат во подножјето на насипот, кон каналот, додека Јана останала на насипот. Според обвинението, Јелена се спуштила со него на тревната површина покрај каналот и тука, Зоран прво со непознат предмет ја убодил во темето и во десниот лакт. Тогаш Јелена, почнала да бега, но тој ја стигнал и ѝ скинал дел од тренерките. И покрај тоа, пејачката продолжила да бега и влегла во каналот во кој имало вода. Зоран ја стигнал и, како што пишува во обвинението, со неутврден предмет ѝ задал повеќе удари по главата и ѝ го скршил черепот, а пред смртта пејачката вдишила вода од каналот.
Истрагата на обвинителството собирала докази повеќе од три години, а нивното обвинение кон Зоран Марјановиќ се заснова на четири клучни докази:
1. Калта на пантолоните
Калта пронајдена на пантолоните на Зоран одговара на калта од каналот каде што пејачката беше пронајдена мртва на 2 април 2016 година.
2. Крвта во автомобилот
Крвта на пејачката била пронајдена на задното седиште на „мерцедесот“.
3. Мобилните телефони
Вештачењето на мобилните телефони на пејачката, сопругот и целото семејство покажало дека Зоран го исклучил својот телефон штом стигнал на насипот во 16:38 часот и повторного вклучил во 17:04 часот.
Обвинителот укажал на изјавата на Зоран, во која сопругот тврди дека откако Јелена се качила на насипот за да трча, тој останал со нивната ќерка под насипот околу 15-20 минути, па потоа тргнале во лесна прошетка да ѝ дојдат во пресрет. Според обвинителот, сатницата е нелогична со локациите утврдени според мобилниот телефон, бидејќи тоа би значело дека Зоран со петгодишно дете прошол 1.100 метри за шест минути.
4. Сведоци
Постојат сведоци кои го виделе семејството Марјановиќ на насипот, како и дека Јана останала 15 минути сама, а Зоран потоа доста брзо ја одвел до автомобилот и се одвезале во непознат правец. Јелена не била со нив.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.