Македонското дуо Драган Спасов Дац и Александар Митевски работат на заеднички проект „Љубовен пасош“ заедно со бугарскиот квартет „Дестни“. Во интервју за бугарската медиумска агенција БГНЕС, Дац изјави дека нивната прва заедничка песна е Јовано Јованке.

-Проектот „Љубовен пасош“ не е само во соработка со Бугарија, туку со сите соседни земји бидејќи љубовта навистина нема граници. Не би сакал да ја мешам политиката. Политичарите гледаат нешто друго што мене не ми се допаѓа, но од друга страна тие го слушаат тоа што го правиме и им се допаѓа, изјави Дац.

Тој додава дека идејата за изведба на песната Јовано Јованке ја предложила Гергана Алексиева од квартетот „Дестни“.

-Шест минути разговаравме да направиме нешто заедничко, а веќе осмата минута знаевме што ќе биде – Јовано Јованке. Тие сите се прекрасни луѓе Гери, Маја, Лори и Звездалина, нагласи Дац.

Тој посочи дека во план им е да направат слични проекти со Босна и Херцеговина, Грција, Србија и Хрватска.

-Имаме и други песни на грчки, српски, турски, француски и хрватски јазик. Потоа сакаме сите овие песни да ги изведеме со пејачи од регионот, а веројатно ќе направиме и албанска песна, изјави Дац.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.