Oткако српската актерка Милена Радуловиќ јавно проговори за силувањето од учителот по глума Мирослав Мика Алексиќ, кому во моментов му се суди за сексуално вознемирување и силување на неколку девојки, од кои некои се малолетни, жените од регионот анонимно започнаа да споделуваат приказни за сексуално злоставување на Фејсбук страницата Nisam tražila.
Своја исповед имаше и хрватската актерка Дора Липовчан.
Ме силуваа години пред да влезам во мојата професија, иако со глума почнав да се занимавам како дете, така што не можам да ја обвинувам професијата за она што ми се случи тогаш… Но, јас ги разбирам моите колеги од целиот регион, кои денес излегуваат со такви приказни поврзани со својот професионален живот и школување … На работа веројатно имав среќа што никогаш не станав мета на предатори, можеби затоа што го носев тоа искуство како лузна што крвари од порано и што веќе имав развиено одбранбени механизми што ќе направат секому со такви намери јасно на прв поглед да биде убеден дека ќе биде лошо ако некогаш стави рака врз мене… затоа што верувам дека оној што би се обидел да ме допре уште еднаш во овој живот ќе заврши со искинато грло од заби…
носам толкав гнев во мене уште од детството… Се надевам дека сите сега ќе излезат со имиња за да ги тргнат предаторите од нашите улици, од нашите училишта и академии … Цели 15 години молчев пред да одам во полиција … И не, не го затворија, беше предоцна и немаше доволно докази пред судот… Но, барем прозборував…
Оттогаш душата ми крвари малку помалку …, напиша Дора.
На некои сè уште не им е јасно… Она што страда од силувањето е душата … Иако умот останува заробен во слики со децении, иако телото е засекогаш скршено од автоимуни болести, иако после тоа е проклето тешко да се даде срцето на некој, сè уште е можно да се зачува… Но, она што најмногу боли е душата… самата причина за сопственото постоење станува засекогаш сомнителна … затоа жртвите молчат, додаде таа.
Дора беше поддржана од колегите и пријателите кои ѝ се заблагодарија за споделувањето со јавноста.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.