Не постои среќа без тага, ден без ноќ, успех без пораз, љубов без болка… За среќа нема компромис, а истата ги следи само храбрите и искрени луѓе. Токму таква, храбра и искрена е и пејачката Елена Ристеска. Истрајна и упорна, лојална и ненаметлива, своја и различна. Постои повеќе од 16 години на музичката сцена и исто толку време е позиционирана на естрадниот врв, не само домашен туку и регионален. Се пласира неагресивно и ненаметливо, музичкиот пат го трасираше исклучиво со квалитет, па токму поради тоа и трае толку долго. А зад оние кои траат и успешно опстојуваат секогаш се крева прашина! Успесите бодат во очи, а тоа најдобро го докажува нејзината животна приказна која за прв пат ја сподели со јавноста и тоа во „Бекстејџ“. Разговорот наместо со сумирање на впечатоци и имперсии од годината што помина, почна со прашањето, дали е свесна дека веќе со години е главна мета на злите јазици на дежурните душебрижници и побаравме објаснување, односно што од напишано и кажаното досега за неа е вистина, а што лага…

Што и да зборуваат, не можат душата да ми ја земат. Што и да кажат, единствено чувство што ми предизвикуваат е сожалување бидејќи за да мразиш некој мораш претходно да го сакаш. Во случајов не ми грешат на мене, му грешат на Бога, кажа Елена.

Оној кој суди за жал некогаш и зема… Смртта на нејзиниот татко и после три години се уште боли.. Пред камерата на Бекстејџ се потсети на последните денови кои ги поминала со својот херој, како што го нарекува таа, но со солзи во очите зборуваше и за предвременото раѓање на нејзината внука Делфина и неспокојот кој што го чувствувала додека чекала вести во болница за нејзината состојба.

Кога ќе се осврнам кон минатото, единственото нешто што ме погодило биле трагедиите кои што ми се случиле. Мојата внука се роди предвремено, се роди буквално во седмиот месец од бременоста кој беше доста ризичен и за неа и за сестра ми, и само тоа може да ме погоди. Емотивна, да , се уште можам да бидам кршлива, но само за најблиските и за неправдите генерално што се случуваат во Македонија. Ќе ви направам уште една паралела, дали човек треба да се замара со малограѓанските муабети после онаа слика која што стои во мене, сликата на моите последни денови со мојот татко. Тоа беше херојот на мојот живот кој што всушност после тоа бараше спас во мене, детето кое што го научил да оди и да зборува… и гледате одеднаш во неговите последни денови еден скелет кој се движи и не може да стаса до својот тоалет, раскажа Елена во „Бекстејџ’ со солзи во очите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.