Шеесет и едно лице во Скопје се заразиле со жолтица во изминатите три месеци, а меѓу заразените има ученици од пет основни и четири средни училишта во градот, информира Министерството за здравство.

Изворот на заразата, како што изјавиле од Министерството за МИА, не се училиштата, додавајќи дека жолтицата не е високозаразна болест, како што се морбилите и поради тоа нема простор за паника со оглед на тоа што со редовно применување на правилата за лична хигиена се спречува ширењето на болеста.

За секој појавен случај во кое било училиште, епидемиолошка екипа врши санитарно хигиенски и епидемиолошки увид и препорачува против епидемиски мерки за превенција од ширење на болеста во училиштето кои вклучуваат: детално континуирано механичко чистење на објектот, зајакната дезинфекција посебно на санитарните јазли од страна на училиштето, како и вонредна дезинфекција од Службата за дезинфекција, дезинсекција и дератизација од Центарот за јавно здравје Скопје, обезбедување течен сапун за раце, течен дезинфициен за раце во санитарните јазли, честа едукација на учениците за одржување на личната хигиена (миење раце), правилно користење на бришачите за подовите од страна на хигиеничарките и посебни бришачи за санитарните јазли.

Од Министерството наведуваат дека во исто време ученици со какви било симптоми на болест се ослободуваат од настава за да се спречи ширење на заразата.

Директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Ирина Сотирова Бухова во врска со тоа дали извршиле надзор во училиштата за МИА изјави дека од аспект на хигиено-санитетски мерки утврдиле дека има сапун, течен сапун и хартија…

Ако се утврди дека нема течен сапун, хартија и дезинфекциски средства се дава решение и правните субјекти постапуваат по тоа решение. Меѓутоа, генерално речиси во сите училишта нема забелешки од тој аспект. Едно прашање е дали има сапун, а друго прашање е дали децата мијат раце, затоа што ова е болест на нечисти раце. Може да има сто килограми сапун, а ако децата не мијат раце залудно е”, вели Сотирова Бухова.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.