Oвчото бело сирење и кашкавал, лозовата ракија и мастика, слаткото од диви смокви, ајварот, вина од автохтони сорти на грозје и уште многу други. Овие производи секогаш биле наши најдобри амбасадори. Светот денес е во потрага на нови досега „неоткриени“ вкусови, а ние имамаме толку многу да понудиме. Треба да го искористиме потенцијалот, вели Николче Николовски, претседател на Националниот одбор на Здружението Слоу фуд Македонија.
Слоу Фуд (Slow Food) е меѓународна, не-профитна организација со членови и подржувачи насекаде во светот, кои го поврзуваат задоволството и добрата храна со обврската кон нивната заедница и животната средина. Промовирана како алтернатива на брзата храна, Слоу Фуд настојува да ги заштити од исчезнување традиционалната и регионалните кујни, да го поттикне земјоделството со растенија, семиња и добиток карактеристични за локалниот екосистем и производство на храна чија технологија е базирана на знаењето на локалното население. Своите цели за одржлива храна и промоција на локалните мали производители се обидува да ги реализира преку агенда, насочена против глобализација на земјоделсвото и гастрономијата.
Неодамна, во Скопје беше организиран првиот Слоу фуд салон, кој за Слоу фуд Македонија е реализација на една дамнешна желба за еден голем настан каде што би била презентирана целокупната работа и производителите кои тие ги поддржуваат. Настанот беше одлично посетен, а љубителите на добрата храна и пијалок си заминаа полни со впечатоци од она што го видоа на Салонот. Слоу фуд Македонија се подготвуваат за најголемиот предизвик – домаќини на најголемиот регионален настан Teра Мадре Балкан 2020.
Дали Македонците се запознаени со философијата на Слоу фуд?
НИКОЛОВСКИ: После повеќе од 10 години ангажман на голем број на членови и активисти, бројни настани и активности, мислам дека со идејата за Слоу Фуд се запознати голем број на луѓе во Македонија. Ние како организација во последниот период сè повеќе се фокусираме да ја разберат и применат филозофијата на Слоу Фуд во секојдневниот живот. Само така и ние и секој кој се идентификува со движењето и неговата филозофија ќе можеме да се пофалиме дека сме постигнале одредени резултати од нашето делување.

Секоја храна има своја приказна. Што научивте во изминатите години применувајќи ја философијата на Слоу фуд?
НИКОЛОВСКИ: Да така е, секоја храна има приказна, но ние ја избираме онаа храна чија приказна ја раскажува лично производителот, со неговото искуство и знаење за производството на таа храна. Не онаа која храна обезличена во текот на масовното производство и чија приказна ја раскажува некоја маркетинг агенција во име на профитот. Така ја применуваме философијата на Слоу Фуд, преку поддршка и промоција на малите производители на вистинска храна и едукација на консументите за храната и како да прават вистински избори секојдневно додека пазаруваат или седнуваат на трпезата.
Изминатиот период во Александар Палас го организиравте првиот Слоу фуд салон. Како сте задоволни од посетата и од учесниците?
НИКОЛОВСКИ: Салонот е реализација на една наша дамнешна желба за еден голем настан на кој би сакале да ја презентираме целокупната наша работа и да ги презентираме производителите кои ги поддржуваме. Воедно и да покажеме какви се производи се произведуваат во Македонија, чии производители заради немење на можности за промоција или законски пречки, немаат пристап до каналите за дистрибуција. Сакаме да им дадеме важност на овие производи и нивните производители за да започнат вистински да го валоризираат својот труд и знаење. Со воспоставувањето на салонот започнуваме нов пристап кон малите производители. Мислам дека ја постигнавме нашата првична цел, да го запознаат и производителите и посетителите концептот на настанот и неговата улога. Ги сумираме импресиите на сите учесници од каде ќе произлезат многу идеи за подобрување и надградба на концептот во следното издание во 2020 година.
Дали иднината е во локалните производители и нивните производи во ова време во кое се е на брзина, па дури и подготовката и конзумирањето на храната?
НИКОЛОВСКИ: Сите ние сме веќе „сити“ од рекламираните и сеприсутни производи кои не ги задоволуваат ни нутритивните потреби на организмот. Одамна храната се третира како култура, особено денес, кога љубопитноста и истражувањето на нови вкусови се дел од секојдневните оброци. Но денес културата на храна се надополнува и со одговорност, најпрво кон сопствениот организам и здравје, потоа кон заедницата и животната средина. Во овој контекст, најзначајна улога игра локалната, сезонската, автентичната храна, произведувана од локалните производители и сите чинители на локалниот систем на храна вклучени во нејзината дистрибуција. И понатаму малите и локални производители се главни производители и снабдувачи со храна во локалната заедница и во глобални рамки. Тие се чувари на биодиверзитетот на локалните семиња и раси на добиток, преку кои се гарантира иднината на локалната храна, како и знењето за текниките на производство и подготовка на храната. Се повеќе луѓе стануваат свесни за значењето на локалната храна и што значи нејзината загуба, пример загубата на локалните семиња на домати.
Не е оправдување „немање на време“ да се одгледа, купи или подготви локалната храна или одреден рецепт. Од нашата традиција, познати се многу рецепти за кои не е потребна долга подговка, согласно и со новите трендови за „сурова“ храна, само колку салати може да се подготват од изобилството на зеленчуци кај нас. Од друга страна потрошеното време за подготовка на храна значи уживање и релакација, благосостојба на самиот себе и на најблиските.
Кои се идните планови на Националната организација Слоу фуд Македонија?
НИКОЛОВСКИ: По основањето на националната организација нашата мисија и цели стануваат побројни и пообемни. Успешно се реоганизиравме, ја воспоставуваме новата структура, нашата мрежа ќе се шири во следниот период ќе опфати нови градови и села. Тоа значи поголемо присуство на локално ниво, вклучување на повеќе луѓе и повеќе нови идеи и иницијативи кои доаѓаат од локалните заедници. Во таа насока ќе следуваат нови кампањи и бројни локални настани. Истовремено со заеднички сили и националната организација и локалните конвивиуми се мобилизираме за најголемиот предизвик, да бидеме домаќини на најголемиот регионален настан Teра Мадре Балкан 2020, каде очекуваме да пречекаме 500 делегати од 11 земји и бројни гости. Нè очекува многу работа, но со оглед на посветеноста на сите членови и активисти, не се сомневам од исходот.
Кои производи од Македонија, според Вас, може да го најдат патот до Европа? По кои прозиводи треба да не препознаваат?
НИКОЛОВСКИ: Oва ни е често поставувано прашање, чиј одговор има потреба од поширока елаборација и ви благодарам што го поставувате и тука. Македонија има неколку производи кои се од стратешко значење во извозот и добро познати на странските пазари, како вино, јагнешко месо, преработки на зеленчук. Потребно е да се стимулира нивното производство, да се промовираат на странските пазари и да се во повисок степен на финализација, така тие ќе го движат секторот напред и ќе придонесат за повлекување и на други производи.
Но, често кога разговараме за производителите на традиционалните производи, кои ги произведуваат производите за своја употреба или за директно снабдување, нивните визии секогаш се поврзани со извоз на производот. Без притоа да се знаат бројните препреки кои стојат на тој пат и кои се недостижни за нив како производители, започнувајќи од законски пречки па се до стандарден квалитет и пакување на производот. Затоа и нашата мисија како организација е да им го покажеме вистинскиот пат, дека најпрво треба да се биде присутен и прифатен на домашниот пазар, да се изборат за своето место во маркетите, деликатесните продавници и рестораните. Ова е особено важно во услови кога секојдневно го губиме пазарот на домашни производи, поттиснати од увозната, ефтина и неквалитетна храна. Мора сите заедно да работиме да им го овозможиме домашниот пазар на што повеќе производи кои доаѓаат од малите фарми и занаетчиски производства. Тие ќе ја збогатат понудата со разновидноста на производи, тие ќе им овозможат поголем избор на консументите. Тие се основа и за креирање на добра гастрономска понуда во туризмот. На тој начин ќе се придонесе за економско јакнење, подобрување на социјалната положба и културно издигнување на локалните заедници.
Дел од нашата работа е и промоцијата на македонската автентична храна на неколку меѓународни саеми и салони. Досега сме презентирале преку различни 30 производи заедно со нивните производители и секогаш реакциите на посетителите кои ги дегустираат нашите производи биле извонредни. Би ги издвоил овчото бело сирење и кашкавал, лозовата ракија и мастика, слаткото од диви смокви, ајварот, вина од автохтони сорти на грозје и уште многу други.
Овие производи секогаш биле наши најдобри амбасадори. Светот денес е во потрага на нови досега „неоткриени“ вкусови, а ние имамаме толку многу да понудиме. Треба да го искористиме потенцијалот.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
фото: Слоу фуд Македонија, Фејсбук
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.