Што велите за актуелната ситуација во земјава?
Власта предводена од СДСМ е веќе цели 2 години на чело на државата, а да не заборавиме дека и во техничката влада учествуваа со свои претставници министри и заменици министри. Граѓаните се сведоци на голем број лаги и неисполнети ветувања, кои СДСМ ги имаше во програмата, а од друга страна пак беше реализирана т.н Тиранската платформа, потоа ги потпиша предавничките договори со Бугарија и Грција, каде што во целост ја обезличија државата и граѓаните на Република Македонија и на крај го променија Уставот и уставното име.
Од друга страна пак денес сме сведоци на една катастрофално лоша економска ситуација во Република Македонија, како на централно исто така и на локално ниво.
Народот се соочува со големи проблеми, а власта е глува и одбива да ги слушне и реши проблемите на народот. Додека сите земји од Европа одат напред, бележат значителен раст и намалување на невработеноста, ние тонеме поради неспособноста на власта со катастрофалните резултати кои за жал одат на товар на граѓаните.
Владеењето на правото е загрозено и воопшто не се подобрува ситуацијата во правосудниот систем, каде сме сведоци на нарачани и монтирани судски процеси и пресуди на сите оние кои на некаков начин им се спротиставиле на оваа ненародна власт.
Споменавте низа од случувањата во последниот период, како гледате на промената на името на државата?
Јасно кажавме дека ПОДЕМ е против овој штетен договор и против уставните промени. Ставот на ПОДЕМ беше да се игнорира референдумот.
Но, за жал оваа власт не ги почитуваше резултатите од референдумот и на криминален начин со уцени, закани и поткуп на пратеници кои зад себе најверојатно имале голем багаж и очигледно многу поважни им биле нивните лични интереси од интересите на Република Македонија и со нив власта успеа да обезбеди двотретинско мнозинство за промена на името и промена на уставот.
Следат претседателските избори, кои се очекувањата од кампањата ?
Овој период е еден од најтешките периоди во историјата на Република Македонија, и како никогаш досега на Македонија и треба обединет опозициски блок кој ќе ги обедини сите граѓани без разлика на нивната етничка, верска, политичка или било каква друга определба. И покрај декларативните заложби, искрено не верувам дека Владата ќе обезбеди услови за нормална и демократска политичка кампања. Единствен начин е обединување на сите граѓани зад натпартискиот кандидат Гордана Силјановска Давкова, која и досега се има докажано со своите цврсти и принципиелни ставови по однос на правото и правдата, и не само на домашен, туку и на меѓународен план. Убеден сум дека Силјановска може да биде претседател на сите граѓани на Република Македонија, без разлика на нивната етничка, верска, политичка или било друга определба.
Каква би била кампањата?
Очекувам кампањата да се води на ниво кое доликува на кандидатите, препознатлива по своите досегашни ставови, Силјановска во застапување на правото и правдата, каде би била препознаена и прифатена од сите граѓани на Република Македонија, а додека пак против кандидатот Пендаровски ќе мора да настапува во докажување и одбрана на се она што беше направено во изминатиов период од страна на власта, а пред се во промената на уставот и уставното име и штетните договори со Бугарија и Грција.
Сметам дека граѓаните ќе го препознаат новиот Претседател на Република Македонија во ликот на почитуваната професорка Гордана Силјановска Давкова.
Што велите како би било доколку победи Силјановска, а како со Пендаровски како прв човек на државата ?
Со оглед на се она што ни се случуваше во изминативе години од како на власт е СДСМ, а и она што ни се случува сега во политичка и економска сфера, сигурен сум дека ќе победи Гордана Силјановска Давкова, и ќе биде браникот на почитување на правото и правдата во Република Македонија.
Со Силјановска Давкова ќе се создадат реални услови за да завладее функционална демократија во државата и вистинска поделба на власта. И не само јас, туку и најголемото мнозинство веруваме дека само Силјановска може да биде претседател – обединител на сите граѓани на Република Македонија и дека конечно ќе можеме да очекуваме стабилност и функционирање на правната држава, а со тоа и раст и развој, како на економски и политички, така и на домашен и меѓународен план.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.