Пронајдените тела, вкупно 39 кои беа пронајдени во приколка на камион во Есекс, Велика Британија биле кинески државјани, пренесе „Гардијан“.

Белгиските власти објавија детали за патувањето на приколката, а полицијата на Велика Британија ја продолжува истрагата за убиство.

Федералниот обвинител на земјата денеска објави дека е отворена истрага за смртта на 39 лица во камионот, која се фокусира на сите страни вклучени во транспортот.

Обвинителството рече дека првичните истраги покажале дека приколката на камионот пристигнала во белгиското пристаниште Зебруге во вторникот попладне и го напуштила истиот ден, пристигнувајќи во англискиот град Перфлит во 1 часот наутро во средата.

Болничари во Есекс во средата ја алармирале полицијата дека се најдени тела на 38 возрасни лица и еден тинејџер.

Белгиските иследници соопштија дека сè уште не се знае кога жртвите биле сместени во приколката и дали тоа се случило во Белгија. Според медиумите, мигрантите во ладилникот можеле да замрзнат до смрт на температури до минус 25 степени.

Полицијата во средата вечерта изврши претрес на две адреси во Северна Ирска за кои се верува дека се поврзани со апсењето на возачот, именуван како 25-годишниот Мо Робинсон, од Портадаун, кој е во притвор во полицијата во Есекс и е испрашуван под сомнение за убиство.

Северна Белгија бележи зголемен број мигранти што сакаат да отпатуваат во Велика Британија, откако француските власти ги засилија контролите во Кале.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.