По Шериф Шекат, напаѓачот од Стразбур, денеска трагаат 720 полицајци ширум источна Франција, иако не е сигурно дека тој е на територијата на таа земја, додека од владата порачуваат дека го „сакаат жив или мртов“.
Бруталниот напад кој се случил на Божиќниот саем во Стразбур ја вознемирил светската јавност. Убиени биле три лица, додека 13 биле повредени. Полицијата и натаму трага по 29-годишниот Шериф Шекат, кој во вторникот навечер пукал на луѓето кои се нашле на саемот. Меѓу настраданите има еден Французин, но има и странци.
Меѓу убиените е еден тајландски турист, додека италијански новинар претрпел тешки повреди, опасни по живот. Две лица биле убиени веднаш, додека третата жртва починала во болница. Во нападот биле повредени 13 лица, додека шест се во критична состојба.
Еден од убиените е 45-годишниот Анупонг Суебсмарн од Тајланд, кој бил на одмор во Стразбур со својата сопруга, која била повредена во нападот. Портпаролката на тајландското министерство за надворешни работи рекла дека нивната амбасада во Париз го потврдила овој случај.
Анупонг бил сопственик на фабрика за нудли и продавал облека. Според приказната на неговиот вујко, парот планирал прво да оди во Париз, но протестите на “Жолтите елеци” ги натерале да го променат мислењето, па отишле во Стразбур.
Службеници од Тајланд барале од француските власти и членови на тајландската заедница во Стразбур, да и помогнат на вдовицата на убиениот турист.
Во нападот бил убиен уште еден маж за кој се верува дека има 45 години. Некои медиуми пренесуваат дека имал 52 години и дека работел како банкар. Тој бил убиен додека излегувал од ресторан во центарот на градот, каде уживал со своето семејство.
Мажот кој по нападот доживеал мозочен удар има 40 години, сопственик е на гаража и по потекло е од Авганистан. Тој често одел во џамија во Стразбур, а во текот на нападот бил застрелан во глава.
Меѓу повредените има и италијански новинар. Новинската агенција АНСА пренела дека се вика Антонио Мегалици и дека е во тешка состојба. Неговите родители, сестра и девојка отпатувале во Стразбур за да бидат покрај него.
Новинарот допатувал во Стразбур за да ја следи седницата на Европскиот парламент. Меѓу повредените се нашле и две девојки од 18 години, татко на две деца, двајца музичари, новинар на локален весник. Полската амбасада објавила на Твитер дека меѓу повредените има и еден полски државјанин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.