Повеќе од 200 поранешни премиери, претседатели и министри за надворешни работи ги повикаа лидерите на Г-7 да платат две третини од 66 милијарди долари потребни за вакцинирање против Ковид-19 во најсиромашните земји.

Во писмото се наведува дека лидерите на Велика Британија, САД, Франција, Германија, Италија, Јапонија и Канада мора да ја направат оваа година „пресвртница во глобалната соработка“, објави „Гардијан“.

Меѓу потписниците на писмото се поранешните британски премиери Гордон Браун и Тони Блер, поранешниот генерален секретар на Обединети нации, Бан Ки-мун и 15 поранешни африкански лидери.

Потписниците на писмото наведуваат дека анкетите покажуваат дека јавноста го поддржува нивното барање.

Истражување, нарачано од добротворната организација „Спасете ги децата“, покажало дека 79 проценти од луѓето во Велика Британија сметаат дека Г-7 треба да плати за вакцинација против корона вирусот за најсиромашните за да го зачува светот безбеден. Писмото е испратено пред Самитот на Г-7 што ќе почне в петок.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.