Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера со претседателски декрети го разреши заменик-шефот на Украинската служба за безбедност (СБУ) Александар Јакушев, раководителите на два одделенија и раководителите на СБУ во два украински региони. Разрешените функционери се раководителот на Одделот за економска поддршка Олександр Провоторов, раководителот на Одделот за заштита на државни тајни и лиценцирање Ихор Ношко, раководителот на СБУ во Запорожскиот регион Борис Безрукји и раководителот на СБУ во Сумскиот регион Едуард Федоров.

Зеленски веќе назначи нови луѓе на две од петте испразнети позиции, пишува Киев Индипендент. Ова не се први промени во украинската тајна служба од почетокот на руската инвазија, бидејќи првиот човек на СБУ, Иван Баканов, беше разрешен во јули минатата година. Украинскиот парламент на 7 февруари го назначи Василиј Малиук за нов шеф.

Антикорупционерите тврдат дека Малиук е близок со Олех Татаров, озлогласениот заменик-шеф на кабинетот на украинскиот претседател. Во 2020 година, Татаров беше обвинет за поткуп, но случајот на крајот беше отфрлен, а некои шпекулираа дека случајот е отфрлен бидејќи Татаров има огромно влијание во полицијата и судството.

Малиук беше именуван за нов шеф само неколку дена по антикорупциската акција во која беа упаднати домовите на моќниот олигарх Ихор Коломојски и поранешниот министер за внатрешни работи Арсен Аваков. Оваа акција од големи размери беше дел од напорите на украинската влада да му докаже на Западот дека навистина се бори против корупцијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.