Унгарија ќе ја направи задолжителна третата, „бустер“ доза на вакцините против Ковид-19 за сите здравствени работници, а од сабота е задолжително носење маска во повеќето затворени простори.

Шефот на канцеларијата на Виктор Орбан, Гергели Гуљас, на прес-конференција на која ги објави новите мерки, истакна дека само вакцините можат да обезбедат заштита од Ковид-19 во време кога расте бројот на заразени.

Советите на владата се сите да се вакцинираат со „бустер“ доза која може да се прими четири месеци по втората доза – изјави Гуљас.

Унгарија во последното деноноќие имала 10.767 нови случаи, што е највисок дневен број од средината на март. Во изминатите 24 часа починале 131 лице.

Дневниот број на новозаразени се приближува до рекордот од 11.265, што се случил за време на третиот бран на пандемијата.

Унгарија во моментов на сила нема речиси никакви ограничувања, а стапката на вакцинација е далеку под просекот на ЕУ.

Зголемувањето на бројот на новозаразени ја принудило Унгарската лекарска комора да повика на нови мерки. Комората побара забрана за масовни настани и задолжително носење маски во затворени простории. Оттаму порачаа и дека во ресторани, кина и театри треба да се влегува само со ковид-потврда.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.