Експертите на Светската здравствена организација (СЗО) што го истражуваа потеклото на корона вирусот во Кина откриле знаци дека епидемијата во Вухан во декември 2019 година била многу пораширена отколку што се сметаше и итно бараат пристап до стотици илјади примероци од крв што Кина досега не им дозволува да ги испитаат.
Главниот истражувач на мисијата на СЗО, Питер Бен Ембарек, за Си-Ен-Ен изјави дека мисијата открила неколку знаци на поголемо ширење во 2019 година, вклучувајќи го и тврдењето дека првиот пат имало над десетина видови вируси во Вухан уште во декември. Тимот имал можност да разговара и со човекот за кој кинеските власти тврдат дека бил првиот заразен пациент, канцелариски работник во 40-тите години од животот, без историја на патувања. Тој на 8 декември пријави дека е заразен, наведува Си-Ен-Ен.
Бавното појавување на подетални податоци собрани на долгоочекуваното патување на СЗО во Кина може да придонесе за загриженост што ја изразија други научници кои го проучуваат потеклото на болеста, дека таа можеби циркулирала во Кина долго пред првото официјално појавување во средината на декември.
Ембарек, кој штотуку се врати во Швајцарија од Вухан,вели дека „вирусот во декември веќе нашироко циркулирал во Вухан, што е ново откритие“.
Специјалистот за безбедност на храна на СЗО, додава дека кинеските научници им презентирале 174 случаи на корона вирус во и околу Вухан во декември 2019 година. Од нив, 100 биле потврдени со лабораториски тестови, а други 74 со клиничка дијагноза на болеста од симптомите на пациентот.
Ембарек вели дека е можно овој поголем број, веројатно потешки случаи кои кинеските лекари рано ги забележале, да значи дека болеста можеби погодила околу 1.000 или повеќе луѓе во Вухан тој декември.
Од тогаш не сме направиле никакво моделирање. Но, знаеме … Според големите бројки … Од заразената популација, околу 15 проценти завршуваат со тешки случаи, а огромното мнозинство се благи случаи – вели Ембарек.
Тој информира дека мисијата, составена од 17 научници на СЗО и 17 Кинези, ги проширила видовите на генетски материјал на вирусот што го испитувале од раните случаи, што им овозможило да разгледаат делумни генетски примероци, не само целосни.
Како резултат на тоа, тие првпат биле во можност да соберат 13 различни генетски секвенци на вирусот САРС-КоВ-2 од декември 2019 година. Доколку се испитаат со пошироки податоци за пациентите во Кина во текот на 2019 година, секвенците може да дадат вредни индиции за географијата и времето на почеток на вирусот пред декември.
Некои се од пазар … Некои од нив не се поврзани со пазарите, што го вклучува пазарот за морска храна Хуанан во Вухан, за кој се смета дека играл голема улога во првото ширење на вирусот – вели Ембарек.
Откривањето на толку многу различни можни варијанти на вирусот може да сугерира дека тој циркулирал подолго од само тој месец, како што претходно сугерираа некои виролози. Овој генетски материјал е веројатно првиот физички доказ што се појавил на меѓународно ниво и ја поддржува таквата теорија, пренесува Си-Ен-Ен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.