Вкупно 36 претседатели на држави и влади, меѓу кои и рускиот претседател Владимир Путин, италијанскиот и германскиот претседател Серхио Матарела и Франк-Валтер Штајнмаер, унгарскиот и хрватскиот премиер Виктор Орбан и Андреј Пленковиќ, ќе пристигнат денеска во Париз да му оддадат почит на починатиот поранешен претседател на Франција Жак Ширак.
Воените почести ќе се одржат на проштадот на честа во комплексот „Домот на инвалидите“ во присуство на сегашниот претседател Емануел Макрон, а ќе се одржи церемонијална служба во црквата „Света Сулпиција“.
Од странските гости ќе бидат присутни и политички лидери кои се наоѓале на должноста за време на мандатот на Ширак, како што се поранешниот германски канцелар Герхард Шредер и поранешниот шпански премиер Хозе Запате.
На церемонијата ќе присуствуваат и поранешните француски претседатели Франсоа Оланд, Никола Саркози и Валери Гискард д’Естаинг.
Шефицата на екстремната десница Мари Ле Пен, чиј татко Ширак го прогласи за непријател, најави дека нема да присуствува на церемонијата.
Вчера илјадници луѓе му оддадоа почит на Ширак. Над ковчегот покриен со француското знаме беше голема фотографија на поранешниот претседател. Редот на граѓаните се протегал во неколку стотици метри, па организаторите вчера одлучиле да ги остават вратите отворени и во текот на ноќта до 7 часот утринава.
Од четврток до сабота, околу 5.000 луѓе, вклучително и голем број на млади, се запишале во книга на жалост, изразувајќи восхит за човекот кој го измисли слоганот „Нашата куќа гори“ во 2002 година, предупредувајќи за климатските промени, човекот кој рече „не“ на втората ирачка војна во 2003 година и човекот кој ја призна одговорноста на Франција за прогонот на Евреите.
Ширак почина во четвртокот на 86 годишна возраст.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.