Најмалку 14 лица погинаа, меѓу кои и петмина цивили, во нападот на турските сили врз еден конвој во кој имало и странски новинари, во непосредна близина на градот Рас ал Аин, соопшти Сирискиот Центар за набљудување на човековите права.
Според оваа невладина организација со седиште во Лондон, во нападот биле ранети уште најмалку 10 лица.
Директорот на Центарот, Рами Абдулрахман изјави дека во нападот кај Рас ал Аин бил погоден конвој со луѓе кои се движеле кон градот Камишли за да им дадат поддршка на жителите на Рас ал Аин, кој веќе со денови е цел на турската офанзива врз позициите на Курдите, пренесуваат британските медиуми.
Според известувачот на телевизијата „Франс 2“, во моментот на нападот во конвојот имало и повеќемина странски новинари.
Бевме во конвојот на курдските цивили кој беше гаѓан од турските сили и нивните сојузници во Рас ал Аин. Нашата екипа е добро, но некои колеги загинаа – напиша на Твитер известувачот на француската телевизија Стефани Перез.
Британските медиуми наведуваат дека засега не е познато кои новинари се погинати.
Објавена е и снимка од местото на нападот, на која се гледаат цивили измешани со припадници на Сириските демократски сили , кои ја уживаат поддршката на Курдите. На неа се гледаат и тела на земјата, запалени возила и згради…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.