Американскиот претседател Џо Бајден ги заостри ограничувањата кон кинеските компании, за кои американската администрација смета дека се поврзани со кинеската војска и потпиша одлука со која им се забранува на Американците од 2 август да купуваат или продаваат хартии од вредност на 59 кинески компании.
Кинеската влада се спротивстави на овој потег уште пред да биде објавен.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи Ванг Венбин изјави дека САД ги игнорираат фактите и дека треба да ги „исправат грешките“ и „да престанат да им штетат на глобалниот финансиски пазар и интересите на инвеститорите“.
Новата мерка се надоврзува на наредбата издадена од претходникот на Бајден, Доналд Трамп, во ноември, кој на списокот со црната листа стави повеќе од 50 кинески компании со наводни врски со војската.
Наредбата на Бајден сега ги опфаќа компаниите што САД ги обвинуваат за употреба на технологија за надзор што овозможува кршење на човековите права. Во одлуката се наведува дека САД ги забрануваат американските инвестиции во кинески компании кои „ги поткопуваат безбедноста и демократските вредности на Соединетите Американски Држави и нивните сојузници“.
Белата куќа додава дека списокот ќе биде ажуриран доколку е потребно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.