Данскиот Парламент ја усвои забраната за одгледување визони (нерц, вид на ласица што се одгледува заради нејзиното крзно) до крајот на 2021 година.

Како што објави министерот за храна, земјоделство и риболов, Расмус Прен, забраната има за цел да се направи обид за спречување на пренесувањето на корона вирусот од животни врз луѓе.

Данските одгледувачи на визони ја жртвуваа својата работа за општото добро. Ние им должиме голема благодарност – напиша Прен на Твитер, веднаш по усвојувањето на одлуката.

Министерот Прен изрази задоволство од усвојувањето на законот, нагласувајќи дека тој содржи јасни одредби за можна компензација на одгледувачите.

Водечките опозициски партии, централно-десните либерали и популистичката Данска народна партија гласаа против.

Данска од ноември досега има убиено околу 17 милиони визони, откако беше идентификувана првата мутирана трансмисија на корона вирусот од овие животни врз луѓе. Владата потоа призна дека немала правен основа за ваквата мерка, како и за привремената забрана за размножување, што требаше да се регулира со посебен закон.

Одлуката да се убијат визоните беше донесена откако се откри дека еден од петте типа на корона вирус поврзан со визоните ја ослабува способноста на луѓето да создаваат антитела, што може да ја загрози ефикасноста на вакцината.

Данска е еден од водечките светски производители на крзно од нерц.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.