Вториот бран на новиот коронавирус во САД би можел да биде уште подеструктивен затоа што најверојатно ќе се судри со почетокот на сезоната на грип, изјави еден од највисоките здравствени претставници во земјата, пренесе АФП
Роберт Редфилд, директор на Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), ги повика Американците да ги искористат следните месеци да се подготват – и да примат вакцина за грип.
Постои можност нападот на вирусот врз нашата нација следната зима, всушност, да биде уште потежок од оној кој штотуку го поминавме – рече Редфилд во интервјуто за Вашингтон пост, објавен доцна во вторникот.
Во исто време ќе имаме епидемија на грип и епидемија на коронавирус – рече тој.
Во САД се забележани повеќе од 800.000 потврдени случаи на ковид-19 од почетокот на пандемијата, според податоците од универзитетот Џон Хопкинс, со 44.845 смртни случаи – најмногу пријавени од која било друга земја.
Редфилд рече дека вирусот пристигнал во САД кога редовната сезона на грип, која и самата може да ги оптовари здравствените системи, била во пад.
Доколку двете болести достигнаа врв во исто време, рече тој за Вашингтон пост, „можеше да биде навистина, навистина, навистина, навистина тешко“ за здравствените системи да се справат.
Примањето вакцина за грип пред следната сезона на грип, рече тој, „може да овозможи да има слободен болнички кревет за твојата мајка или баба што може да се зарази од коронавирус“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.