Возачот на т.н. „камион на смртта“ Морис Робинсон, кој е обвинеет за смртта на 39 луѓе кои беа најдени во возилото во Англија, вчера беше испрашан пред суд.
Робинсон се јави во судот преку видеоврска од притвор, а додека судот му ги читал сите 43 точки од обвинението една по една, тој не покажал никаква емоција.
Обвинителството рече дека Робинсон е вмешан во глобална операција за трансфер на огромен број нелегални мигранти во Велика Британија и дека неговата вмешаност во целата приказна наводно траела десет месеци наназад. Се претпоставува дека има уште многу соучесници во случајот кои уште се на слобода.
Робинсон на испрашувањето одговорил само на три прашања и тоа на основните: како се вика, која му е адресата на живеење и датумот на раѓање. На другите прашања не сакал да одговори.
Целиот процес траел само пет минути, а Робинсон останува во притвор до 25 ноември, кога ќе мора да се појави лично пред судот.
Адвокатот на Робинсон нема поднесено барање за бранење од слобода со кауција.
25-годишниот возач беше уапсен веднаш откако самиот пријавил дека ги открил телата во камионот-ладилник. Се товари за организиран шверц со луѓе, организирање нелегална имиграција и за перење пари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.