Во крајно драматичен напад во Мексико, група криминалци со неколку возила упаднале во затвор во централно Мексико и побегнале со девет затвореници.

Официјални лица од државата Идалго, северно од главниот град Мексико Сити, соопштија дека во нападот се повредени двајца полицајци.

Државната полиција соопшти дека војници, полицајци и припадници на Националната гарда тргнале во потрага по избеганите затвореници. Полицијата не ја идентификувала целосно вооружената банда која го извела упадот во затворот.

Државниот секретар за внатрешни работи Сајмон Варгас соопшти дека „во затворот влегла вооружена група со неколку возила, а во близина на затворот биле запалени две возила како дел од операција на криминална група, како одвраќање“.

Локалните медиуми објавија дека запалените автомобили биле пронајдени во градот Тула по нападот.

Употребата на автомобили-бомби од страна на банди во Мексико досега беше исклучително ретка, но, бандите во Мексико често палат возила за да го одвлечат вниманието на полицијата, а запалените возила може да изгледаат како да експлодираат кога пламенот ќе стигне до нивните резервоари со бензин.

Тула е и седиште на голема рафинерија за нафта, а областа е „богата“ со банди на крадци кои дупчат нелегални чешми во цевководи во државна сопственост за да вадат бензин и дизел.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.