Во последните 24 часа во Шпанија со новиот коронавирус се заразиле 782 лице, а 31 починаа. Досега во таа земја се потврдени 3059 заразени, а вкупно од последиците на Ковид-19 починаа 86 луѓе.

Половина од заболените се во главниот град, Мадрид. Од вчера се затворени градинките, училиштата и факултетите во Мадрид и околината, а музеите, базените, театрите, библиотеките и другите културни и спортски центри се затворени од денеска.

Шпанскиот премиер Педро Санчез, почнувајќи од денеска, сите свои состаноци ќе ги одржува преку видео конференциска врска, откако на министерската Ирена Монтеро и беше потврдено присуството на коронавирус, се наведува во соопштението на Владата.

Според најновите податоци, во светот досега се регистрирани 133.187 лица заразени со новиот коронавирус. Од нив, починати се 4.950, а оздравеле 68.898.

– Бројот на потврдени случаи на зараза со новиот коронавирус во Словенија се зголеми на 95.

– Американската сојузна држава Ново Мексико поради емидемијата забрани јавни собири со над 100 луѓе.

– Американската сојузна држава Њујорк поради емидемијата забрани јавни собири со над 500 лица.

– Авиокомпанијата Делта ерлајн суспендираше седум летови за Европа: Синсенати – Париз, Индијанаполис – Париз, Орландо – Амстердам, Портланд – Амстердам, Дурам – Париз, Солт Лејк Сити – Амстердам, Солт Лејк Сити – Париз.

– Музејот на уметности Метрополитен во Њујорк соопшти дека од утре ги затвора сите три локации за да помогне за сузбивање на епидемијата.

– Главниот британски научен советник Патрик Валас оцени дека во Велика Британија најверојатно се заразени меѓу 5.000 и 10.000 луѓе.

– Британскиот премиер Борис Џонсон препорача сите со повеќедневна кашлица или треска да се самоизолираат на седум дена. Започнувајќи од утре, училишните патувања во странство ќе бидат забранети, а на постарите лица и оние со хронични болести им се советува да не одат на крстарења.

– Бројот на починати во САД од Ковид-19 се зголеми на 39.

– Светска банка во Вашингтон им наложи на вработените да работат од дома, а откажани се и сите деловни патувања.

– Во Србија потврдени пет нови случаи на Ковид-19, со што вкупната бројка на заболени се искачи на 24.

– Словенија прогласи епидемија, потврди министерот за здравство Алеш Шабедер. Одлуката стапи во сила денеска во 18 часот поради можноста за ширење на коронавирусот. Во земјата досега се заболени 96 лица.

– Вредноста на акциите на авропските берзи падна за 11, 5 отсто, што е историски најголем пад на вредноста во еден ден.

– Висок советник на ајатолахот Али Хамнеи – духовен водач на Иран и највисок авторитет во земјата – е позитивен на коронавирус.

– Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху побара формирање на итна влада за национално единство за справување со заканата од коронавирусот. – Ние ја менуваме нашата внатрешна рутина со цел да се справиме со надворешната закана, заканата од вирусот, рече Нетанјаху. Тој, исто така, нареди да се затворат повеќето училишта во земјата.

– Возрасна жена е првиот смртен случај од Ковид-19 во Норвешка.

– Индија информира за прв смртен случај од новиот коронавирус. Станува збор за 76-годишен маж.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.