Регистриран е пад на поддршката за американскиот претседател Џо Бајден од април досега, главно од сопартијци – членови на Демократската партија, додека неговата администрација се бори со Конгресот да ги исполни предизборните ветувања, а повеќе Американци се грижат за нестабилно економско закрепнување. Тоа се резултати од новата анкета на Ипсос за Ројтерс.

Анкетата спроведена помеѓу 11 и 17 јуни покажува дека Бајден е се уште попопуларен од неговиот претходник републиканецот, Доналд Трамп: 55 отсто од возрасните го одобруваат работењето на Бајден во Белата куќа, а на 65 отсто им се допаѓа неговиот одговор на пандемијата на корона вирусот.

Во ова време, пред четири години, околу 36 проценти од возрасните ја одобруваа работата на Трамп.

Сепак, се повеќе Американци не го одобруваат лидерството на Бајден во однос на економијата, насилството со оружје и оданочувањето, а најголемиот пад е кај Демократската партија на Бајден, особено кај луѓето на возраст под 40 години, демократите кои не се белци или оние кои не завршиле колеџ.

Економијата ги замени здравството и инфекциите како најголема грижа, при што скоро четвртина од анкетираните возрасни ги идентификуваа како најважен проблем. Повеќето Американци се загрижени за зголемувањето на трошоците за живот, а јавноста е скоро подеднакво поделена околу тоа колку треба да стори владата за да ги подобри работите.

Четириесет и осум отсто од испитаниците одговориле дека одобруваат водење на економијата на Бајден, што е за четири поени помалку од сличното истражување спроведено во април. Бројот на Американци кои не ги одобруваат постапките на Бајден во економијата се искачи за четири поени на 43 отсто.

Само 35 отсто анкетирани веруваат дека американската економија оди во вистинска насока, а 44 отсто велат дека се „многу загрижени“ дека цените ќе продолжат да растат, покажува анкетата.

Кај демократите, 78 отсто се изјасниле дека ја одобруваат економската програма на Бајден, што е за седум поени помалку од април, додека бројот на демократите кои не го одобриле неговиот економски план се зголеми за шест поени на 15 отсто. Ова вклучува пад на одобрувањето за 11 проценти кај демократите на возраст под 40 години

Во меѓувреме, бројот на Американци што го одобруваат ставот на Бајден во врска со насилството со оружје падна за осум отсо на 11 проценти меѓу демократите од април до јуни.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.