Португалските власти објавија дека во земјата останале само седум слободни кревети во одделенијата за интензивна нега, наменети за пациенти со тешка форма на Ковид-19 и дека ненадејниот пораст на бројот на заразени лица ги принудил да пренесат некои критично болни пациенти на португалските острови.

Според тамошното Министерство за здравство, од 850 легла во одделенијата за интензивна нега наменети за ковид-пациенти, засега се зафатени дури 843 кревети.

Нацијата од 10 милиони жители има уште дополнителни 420 кревети во единиците за интензивна нега, но тие се наменети за пациенти кои страдаат од други сериозни болести.

Министерството за здравство објави дека во последните 24 часа се регистрирани 12.435 нови случаи на инфекција, што е помалку од рекордните податоци од четвртокот. Забележана е и дневна бројка од 293 починати како резултат на компликации од Ковид-19.

Според португалското министерство, од почетокот на пандемијата во Португалија се регистрирани вкупно 711.018 инфекции со корона вирус и 12.179 смртни случаи, а статистиките покажуваат дека во изминатата недела земјата го забележала највисокиот светски просечен седумдневен број на заразени со корона вирусот, како и највисок број на смртни случаи по жител.

Министерството за правда во петокот соопшти дека Институтот за судска медицина, кој меѓу другото, врши аутопсија и за полициски цели, побарал камион-ладилник за да ги чува телата на починатите, бидејќи погребните претпријатија не стигале да ги преземат навреме.

Здружението што ги претставува погребните претпријатија извести дека јавните болници исто така немаат доволно ладилници за складирање на телата. Некои болници биле принудени да донесат уште ладилници за да го намалат притисокот врз мртовечниците.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.