Жителите на Москва се вратија на рутината откако беше укинат карантинот кој траеше повеќе од два месеци, иако руската престолнина сѐ уште бележи повеќе од илјада нови случаи на ден.
Речиси 13 милиони жители на Москва сега можат да го користат јавниот превоз, да патуваат со сопствено возило низ градот без рестрикции и можат непречено да излегуваат од своите домови.
Сега сме слободни. Можеме да шетаме сѐ додека носиме маска, вели пензионерот Павел.
Ќе мораме да бидеме внимателни. Ќе бидеме внимателни!
Градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин најави вчера ублажување на рестрикциите и кажа дека пандемијата во градот се повлекува.
Тогаш најави дека денес се ублажуваат мерките, додека сите рестрикции ќе бидат укинати подоцна месецов.
Критичарите на власта во Русија го обвинуваат Собјанин дека избрзал со укинувањето на мерките за да се овозможи воената парада на Црвениот плоштад подоцна месецов и референдумот на 1 јули, кој треба да му овозможи на Путин да остане претседател до 2036 година.
Собјанин истакна дека одлуката е мотивирана исклучиво од константното намалување на бројот на дневно заразените во изминатите недели, од одговорното однесување на жителите на Москва и попуштањето на притисокот врз здравствениот систем на градот.
Во подземната железница, во која нема толкава гужва како пред пандемијата, повеќето патници носеле маски.
Властите денес објавија дека се потврдени 8.595 нови случаи во Русија во изминатите 24 часа.
Досега вирусот е потврден кај 485.253, при што само во Бразил и во САД се забележани повеќе случаи.
Во Москва се потврдени 1.572 нови случаи.
Потврдени се 6.142 смртни случаи поврзани со коронавирусот во Русија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.