Милано е една од европските модни престолнини што се карактеризира со сивило не само од неокласичните камени градби, туку и со сивило на небото поради загаденоста на воздухот. Сепак, сивите нијанси не се тренди избор за еден град од перспектива на екологијата. Поради тоа, Италијанците одлучија до 2030 година да го озеленат Милано со 3 милиони нови дрвја, пренесе порталот „Факултети“.

Градските власти процениле дека планираната програма ќе го зголеми бројот на стебла за 30 отсто. Дрвјата на годишно ниво ќе „впијат“ дополнителни пет милиони тони јаглероден диоксид. Оваа количина е еднаква на четири петтини од вкупните емисии на штетен гас во Милано.

Во рок од десет години дрвјата од атмосферата би отстраниле околу три илјади тони ситни штетни ПМ10 честички. Се очекува и последователен пад на температурите во градот за 2 Целзиусови степени.

Архитектот Стефано Боери во 2014 година во срцето на Милано создал зелена оаза. Во рамките на неговиот проект „Вертикална шума“ над градот се издигнаа две станбени згради обвиткани со растенија и со дрвја распоредени по балконите.

Боери нагласува дека само 7 отсто од територијата на градот се облагородени со флора и изрази надеж дека овој процент до 2030 година ќе се искачи на меѓу 17 и 20 отсто.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.