Во Киев речиси целосно е обновено снабдувањето со вода, по руските ракетни напади врз инфраструктурата на главниот украински град. Јавните комунални претпријатија се обидуват да го обноват снабдувањето на градот со електрична енергија, поради чии прекини речиси целиот тримилионски град остана без вода.

Во многу делови од главниот град откажа затоплувањето, немаше струја, интернет ниту мобилна телефонија. Делови од Киев и доцна синоќа сѐуште беа без електрична енергија.

Заменик-шефот на претседателската канцеларија, Кирило Тимошенко, со оптимистичка порака.

Всушност, сите области на Украина се снабдени со електрична енергија, изјави синоќа Тимошенко за украинската телевизија.

Во редовното видео обраќање, претседателот Володимир Зеленски ги пофали Украинците за нивниот дух на отпор кон руската инвазија.

Издржавме девет месеци сеопфатна војна и Русија не најде начин да нè скрши. И тоа нема да им успее – рече украинскиот лидер.

Претходно на Телеграм се огласи градоначалникот, Виталиј Кличко, кој рече дека во одреден момент дури 70 отсто од Киев бил надвор од системот за снабдување со електрична енергија.

Општинските служби работеа без престан на санирање на штетите, но снабдувањето со електрична енергија за Киев зависи од стабилноста на целиот енергетски систем во Украина – изјави Кличко.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.