Влошена e безбедносната состојба во градот Кабул во Авганистан, a САД предупредуваат да се избегнува доаѓање на аеродромот.

Амбасадата на САД во Авганистан денеска издаде безбедносно предупредување. Во соопштението, амбасадата предупредува на „потенцијални безбедносни закани надвор од портите“ на аеродромот.

„Ги советуваме американските граѓани да избегнуваат патување до аеродромот и во овој момент да избегнуваат влегување на аеродромот, освен ако не добијат индивидуални упатства за пристигнување од американските владини претставници“, стои во соопштението.

Амбасадата информираше дека сите американски државјани во Авганистан кои сѐ уште не го пополниле образецот за барање на помош „треба да го сторат тоа што е можно поскоро“.

Швајцарија го одложи чартер летот за Узбекистан, кој имаше за цел да помогне во евакуацијата на луѓето од Авганистан, објави швајцарското Министерство за надворешни работи.

Авганистанци вчера се собраа на патот во близина на воениот дел на аеродромот во Кабул. Талибанците велат дека не се одговорни за ситуацијата и ги обвинуваат западните сили дека немаат подобар план за евакуација. Тие апелираа до оние кои се без пасоши да се вратат дома. Американските власти оваа недела соопштија дека во Кабул останале 10.000 американски државјани.

Хашмат Гани Ахмадџај, братот на пребеганиот авганистански претседател, Ашраф Гани, му се приклучи на радикалното талибанско движење, се наведува во пораката објавена на Твитер на страницата на Исламскиот емират на Авганистан.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.