Здравствените и другите власти мора да почнат да размислуваат за преземање нови мерки за да се поттикне вакцинацијата во земјата, бидејќи таа речиси запре.
Вчерашните податоци на Министерството за здравство биле дека завчера се вакцинирани со прва доза само 1.717 граѓани (а 5.180 ја примиле втората доза).
Тоа е сериозен знак за т ревога, бидејќи со ова темпо прашање е уште колку месеци треба да поминат за Македонија да ја стигне границата од 50 отсто вакцинирани од вкупниот број граѓани, пишува Независен.
Министерот за здравство, Венко Филипче, завчера изјави дека досега се вакцинирани 37 отсто од вкупното население, а тоа ја сместува Македонија на дното на европската скала.
Ако е некаква утеха, Бугарија (каде е силно антиваксерското лоби) има вакцинирано едвај 18 отсто од нејзиното население. Но тоа е лоша утеха.
Најавите за администрирање на трета доза на вакцината (со „Фајзер“) за постарите од 60 години и за здравствените работници кои имаат поминато шест месеци од ревакцинацијата, е потег за да се засили имунитетот на оние за кои се претпоставува дека се најранливи, но тоа воопшто не го решава проблемот за неверојатно бавното темпо на вакцинацијата.
Според оние мерки што беа објавени, од средината на октомври во рестораните, на културните, спортските и други настани ќе може да се влезе само со сертификат за примени две дози на вакцината. Таа мерка можеби ќе има одреден ефект, но таа не може да поттикне поголемо темпо на вакцинацијата.
Овие што сега ја примаат ревакцината се дел од бранот на поголемата вакцинација во август, кога ја примија првата доза. Кога ќе бидат администрирани тие вакцини кај сите што тогаш ја примија првата доза, за недела-две бројот на дадените вакцини (прва и втора доза, заедно) може да падне и на 4.000 дневно.
Тоа ќе биде силно предупредување пред влегувањето во студените есенски и зимски месеци, за кога се очекува уште еден бран.
Затоа, потребни се похрабри и поостри мерки, за да не ги пренесуваме со одредена завист и силно разочарување вестите од повеќето западноевропски земји, каде вакцинацијата надмина 80, а некаде и 90 отсто од вкупното население.
Некои од тие земји, како Данска и Норвешка, веќе ги кренаа сите ограничувања и воведени мерки, затоа што вакцинацијата го покри речиси целото население над 15 години.
Во Италија наскоро не ќе може да се оди на работа и во државниот и во приватниот сектор ако не си вакциниран со две дози. Таму целосно се вакцинирани 67 отсто од населението.
По одлуката на владата на Марио Драги драматично се зголеми бројот на оние што чекаат во редови за вакцинација. Во Белгија се поставуваат вакцинални пунктови и во супермаркети. Таму целосно се вакцинарани 73 отсто од населението.
Во САД, со одлука на претседателот Џо Бајден, сите вработени во федералните установи мора да бидат вакцинирани или не ќе можат да доаѓаат на работа. А и целата американска војска со наредба мора да биде вакцинирана до крајот на годината.
Во Грција, секој што работи во здравствениот сектор мора да биде вакциниран, инаку ќе биде суспендиран без да добива плата.
Во Германија од средината на октомври ги укинуваат бесплатните тестови за ковид за на тој начин да ги принудат невакцинираните да ги засучат ракавите и да ја примат иглата.
Целиот текст прочитајте го на Независен
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.