Италијанците наскоро ќе мора постојано да носат маски и додека се на отворено, објави денеска министерот за здравство Роберто Сперанца.
Италијанските власти ги засилуваат мерките заради забрзаниот раст на бројот на новоинфицирани, што е на највисоко ниво од крајот на април.
Владата планира да ја прошири обврската за носење маски и на отворен простор“, рече Сперанца пред долниот дом на италијанскиот парламент.
Маските се клучна алатка во борбата против ширењето на ковид-19, особено кога се среќавате со луѓе кои не ви се состанари“, нагласи министерот.
Мерката ќе биде дел од одредбата што ќе биде усвоена утре, со која најверојатно ќе се продолжи вонредната состојба прогласена на ниво на цела Италија. Требаше да истече на 15 октомври, но може да се продолжи до 31 јануари. Италијанската влада прогласува вонредна состојба во случај на катастрофа како земјотрес, што ѝ овозможува побрзо дејствување и заобиколување на некои процедури.
Сперанца најави дека владата ќе нареди и посилна примена на правилата за социјално дистанцирање.
Заштитните маски во некои италијански региони се веќе задолжителни и на отворени простори, како на пример во Сицилија, Кампанија и Лацио. Правилото не се однесува на деца помлади од шест години, граѓани со посебни потреби, гости во отворен дел на кафулиња и ресторани и на оние кои вежбаат или спортуваат.
Бројот на новозаразени во Италија расте девет недели по ред, но ситуацијата сепак е подобра отколку во остатокот од Европа.
Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) објави дека во последните 14 дена во Италија имало 45 случаи на зараза на 100.000 жители. Во Шпанија тој број изнесува 319.3, во Франција 246.8, во Германија 34.1.
Меѓу европските држави, Италија, заедно со Германија е меѓу подобрите во управувањето со вториот бран, но да немаме илузии поради тоа, рече Сперанца.
Тој рече дека повторното отворање на училиштата во септември, за кое се стравуваше дека ќе го зголеми бројот на заразени, „досега имаше мал ефект“.
Италија беше првата западна земја погодена од пандемијата на коронавирусот, особено во северните региони. Но, за разлика од раните денови на таа здравствена криза, кога немало доволно болнички кревети и респиратори, италијанските болници денес се под многу помал притисок.
Бројот на пациенти на интензивна нега на крајот на март и почетокот на април бил над 4.000, а на 29 јули се спуштил под 40. Вчера се искачи на 323. Сперанца вели дека нема простор за опуштање.
Мислам дека следните неколку месеци нема да бидат лесни“, заклучи тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.