Полицијата во Хонгконг уапсиla уште пет лица поради наводно планирање на терористички активности, во момент на политичка тензија во оваа поранешна британска колонија поради влијанието на централните власти во Пекинг.

Четворица мажи и една жена се уапсени според законот за национална безбедност, под сомнеж дека подготвувале терористички заговор.

Минатата недела полицијата уапси девет лица, вклучително и шестмина средношколци, обвинети за планирање на производство и поставување експлозиви во градот, вклучувајќи судови, пристаништни тунели, железнички пруги. Kако што тврди полицијата, уапсените планирале да поставуваат експлозивни направи и во корпи за отпадоци низ улиците.

Полицијата тогаш соопшти дека пронашла хемикалии во импровизирана лабораторија за производство на експлозивен триацетон трипероксид или ТАТП, кој масовно се користи при бомбашки напади низ Европа и на други места.

Наведено е дека се можни натамошни апсења во врска со овој случај.

Политичката атмосфера во Хонгконг значително се влоши по репресијата врз демократското движење, кое во 2019 година масовно го мобилизираше населението на улиците протестирајќи против влијанието на централните власти во Пекинг.

Власта потоа усвои закон за национална безбедност во кој се наведува дека во Хонгконг можат да управуваат само „патриоти“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.