Во Гвинеја се стравува од епидемија на ебола, починале три лица

Свет 14.02.2021 / 18:22
(фото: Пиксабеј)

Во Гвинеја повторно владее страв од потенцијална епидемија предизвикана од вирусот ебола пет години по крајот на претходната епидемија и откако се потврдени седум случаи на инфекција, од кои три биле фатални.

Шефот на здравствената агенција во Гвинеја, Сакоба Кеста, по итен состанок во Конакри изјави дека лабораторија во тој град го потврдила присуството на вирусот ебола. „Идентификувавме вкупно седум случаи, од кои три беа фатални“, додаде тој.

Ова се првите регистрирани повторувања на болеста во Западна Африка, од каде започна најтешката епидемија во историјата на вирусот, од која што меѓу 2013 и 2016 година загинаа повеќе од 11.300 жители од 28.600 регистрирани случаи на инфекција.

И овој пат еболата се случи во истиот дел на Гвинеја. Пред нејзиното ширење да биде потиснато во 2016 година, инфекцијата се проширила во Либерија и Сиера Леоне, а случаи на инфекција се регистрирани во 10 земји во светот, вклучувајќи ги Шпанија и САД.

По итен состанок во Конакри, Кеста, кој е на чело на Националната агенција за здравствена безбедност (АНСС), им изјави на новинарите дека едно лице починало во Гуеке, место во регионот близу границата со Либерија, како резултат на инфекцијата кон крајот на јануари.

„Починатиот беше погребан во Гуеке на 1 февруари и неколку дена по погребот, неколкумина од присутните имаа карактеристични симптоми на инфекција – дијареја, повраќање, крварење и треска“, рече шефот на здравствената агенција.

“Првите примероци тестирани во лабораторијата поставена во Гуеке од Европската унија во петокот откриваат присуство на вирусот ебола во некои од нив. Оваа ситуација укажува на потенцијална состојба на епидемија предизвикана од ебола”, рече лекарот.

По информацијата за смртта од ебола во соседна Гвинеја за прв пат по пет години, либерискиот претседател Џорџ Веа им нареди на здравствените работници да ја засилат епидемиолошката будност во земјата и да преземат „превентивни мерки“.

„Претседателот Веа побара од либериските здравствени власти и нивните партнери во секторот да го засилат епидемиолошкиот надзор и превентивните мерки поради повторување на смртоносниот вирус во соседна Гвинеја“, се вели во соопштението на кабинетот на претседателот на Либерија.

Иако болеста се случила во областа во близина на границата со Либерија, „досега не се забележани случаи на заболување во земјата“, објави канцеларијата.

„Целта на упатствата на претседателот е да се гарантира проактивната акција на Либерија за да се избегне епидемија како онаа што ја доживеа земјата во 2014 година.

Демократска Република Конго денеска го потврди и четвртиот случај на ебола во провинцијата Северен Киву, каде што на 7 февруари е утврдено повторување на вирусот.

Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека веднаш ќе и помогне на Гвинеја.

„Веднаш ќе го искористиме потребниот капацитет за поддршка на Гвинеја, која веќе има долгогодишно искуство“, изјави за новинарите портпаролот на СЗО, Алфред Џорџ Ки-Зербо, по состанокот со здравствените власти во земјата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


Comments are closed for this post.