Француското Министерство за економија и финансии потврди дека од среда треба да почне производство на вакцини против Ковид-19 во Франција, а тоа ќе го прави францускиот подизведувач „Делфарм“.

Производството во фабриката на „Делфарм“, во северозападниот дел на Франција, ќе биде за германската лабораторија „Бионтек“, која е партнер со американскиот „Фајзер“.

Прво, ќе се почне со производство на пробни количества за да се утврди дека се согласно очекуваните стандарди за квалитет, а потоа ќе се префрлиме на комерцијално производство колку е можно поскоро – соопштија од француското Министерство.

Засега компаниите не сакаат да коментираат за очекуваниот обем на производство.

Покрај Делфарм, шведскиот „Ресифарм“ ќе почне да произведува вакцини за американската компанија „Модерна“ некаде кон средината на април во нивната француска фабрика во западниот дел на државата.

Производителот на „Фарева“, пак, треба да почне со производство на вакцината „КјурВак“ кон крајот на мај и почетокот на јуни, што е во фаза на одобрување за комерцијална употреба, во своите фабрики во По и Вал-де-Реј.

Француската компанија „Санофи“, исто така, ќе почне со производство на вакцини за „Јансен“ (претставништво на „Џонсон и Џонсон“) во областа Рона во југоисточниот дел на земјата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.