Канцеларијата на ОН за човекови права регистрирала 350.209 жртви за време на граѓанската војна во Сирија, вклучувајќи цивили и борци. Сепак, бројот на жртвите од конфликтот што трае во текот на последната деценија, се проценува дека е многу поголем.

Високата комесарка на ОН за човекови права, Мишел Бачелет изјави дека бројките се регистрирани од 2011 до 2021 година, врз основа на информациите што ги идентификувале жртвите.

Тој број е многу помал од бројот објавен од Сириската опсерваторија за човекови права. Тие во јуни објавија дека повеќе од 606.000 луѓе загинале во конфликтот во Сирија. Според Бачелет, Канцеларијата на ОН собира податоци под построги правила и подетално, така што тие не треба да се сметаат за конечни.

Тоа е минималниот број што може да се провери и секако е помал од реалниот број на убиени луѓе – изјави Бачелет.

Конфликтот во Сирија почна во 2011 година за време на Арапската пролет и прерасна во граѓанска војна што доведе до најголемата хуманитарна катастрофа во овој век. Конфликтот резултираше со милиони раселени Сиријци.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.