Уредникот на популарната белоруска медиумска куќа „Јежедневник“ Сергеј Сацук е уапсен по претрес на станот. Како што објавија западните медиуми, ова е најновиот потег на белоруските власти да ги задушат независните медиуми во земјата.

Сацук, главен уредник на „Јежедневник“, онлајн публикација, е приведен под обвинение за поткуп што тој негира. Доколку биде прогласен за виновен, му се заканува казна затвор до 10 години.

Сацук е 30-тиот новинар во притвор во Белорусија кој чека судење или отслужување казна.

Новинарството стана една од најопасните професии во Белорусија – изјави за Асошиетед прес, претседателот на белоруското здружение на новинари, Андреј Бастунец.

Тој вели дека слободата на говор е најмногу загрозена во Белорусија кога станува збор за Европа, каде „властите им скусуваат на граѓаните каква било алтернативна информација“.

Медиумите на Сацук редовно известуваа за протестите што избувнаа по резултатите од претседателските избори во август 2020 година, кои опозицијата и Западот не ги признаа, сметајќи ги за наместени.

Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, кој на изборите го доби шестиот мандат, почна остра пресметка со демонстрантите, при што повеќе од 35.000 луѓе се уапсени, а илјадници се под закани од полицијата.

На почетокот на овој месец, Сацук почна нов проект за независни новинари и активисти опишани од белоруските власти како „екстремисти“ и „терористи“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.