Во долината Панџшир, под водство на вицепремиерот на падната авганистанска влада, Амрула Салех, и синот на починатиот командант Масуд, се подготвува отпор кон талибанците, соопшти шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, повикувајќи на разговори за новата авганистанска Влада.
Талибанците не ја контролираат целата територија на Авганистан. Добиваме информации за ситуацијата во долината Панџшир. Таму се концентрирани силите на движењето на отпорот на потпретседателот Салех и на Ахмад Масуд – изјави Лавров на прес -конференција во Москва.
Долината Панџшир е центарот на отпорот и етничко таџикистанско упориште на североистокот од Кабул.
Ахмад Масуд, локалниот лидер на Националниот фронт за отпор на Авганистан, го повика Западот да обезбеди поддршка и оружје во борба против талибанците.
Во колумна што вчера беше објавена во „Вашингтон пост“, Масуд тврди дека во Панџшир му се придружиле војници на авганистанската армија „згрозени од предавањето на нивните команданти“, како и поранешните припадници на авганистанските специјални сили.
Но, ни треба повеќе оружје, повеќе муниција, повеќе опрема – вели Масуд, уверувајќи дека талибанците претставуваат закана и надвор од Авганистан.
Во колумната во „Вашингтон пост“, Масуд пишува дека под контрола на Талибанците, Авганистан несомнено ќе стане база за радикален исламистички тероризам, што ќе доведе до нови заговори против западните демократии.
Ние толку долго се боревме за отворено општество, општество каде што девојчињата ќе можат да станат доктори, нашиот печат да може слободно да известува, нашите млади луѓе да можат да танцуваат и слушаат музика или да присуствуваат на фудбалски натпревари на стадионите што некогаш талибанците го користеа за јавни егзекуции. А, тоа може наскоро да се повтори. Америка се уште може да биде голем арсенал за демократијата со тоа што ќе ги поддржи муџахедините, кои уште еднаш се подготвени да се соочат со талибанците – пишува Масуд.
Масуд е син на Ахмад Шах Масуд, лидерот на отпорот, убиен во 2001 година од припадници на Ал Каеда.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.