Внуката на италијанскиот фашистички диктатор Бенито Мусолини, Ракела Мусолини, освои најмногу гласови на изборите за градскиот совет во Рим, покажуваат официјалните резултати.

Застапувајќи ги „Браќата на Италија“ (Fratelli d’Italia), партија што произлегува од неофашистичката конзервативна партија на Италијанското социјално движење, Ракела Мусолини доби 8.264 гласови, Во интервју за весникот „Ла Република“ во средата, Мусолини вели дека верува дека гласачите помалку се фокусирале на нејзиното презиме, а повеќе на „иницијативите“ што ги почна за време на нејзиниот мандат во градскиот совет.

На училиште покажуваа со прст кон мене, но потоа се појави Ракела и лицето преовлада над презимето, без разлика колку беше оптоварувачко тоа име – вели внуката на Мусолини.

Прашана за нејзините ставови за фашизмот, Ракела за италијански весник одговора: „За да се занимаваме со оваа тема, ќе треба да разговараме до утре наутро“.

Ракела Мусолини не е првиот потомок на италијански диктатор кој влегол во политиката.

Нејзината полусестра Алесандра Мусолини беше пратеник во централно-десничарската Народна партија на слободата (Il Popolo della Libertà) на Силвио Берлускони, а исто така беше и пратеник во Европскиот парламент.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.