Камала Хeрис влезе во историјата со тоа што стана првата жена потпретседателka на САД. Таа исто така ќе биде првата црна личност и првата Американка со азиско (индиско) потекло што ќе служи на функцијата.
„Би-би-си“ ја раскажува нејзината приказна за патот до Белата куќа.
Демократката е родена во Оукленд, Калифорнија, од двајца родители имигранти – мајка родена во Индија и татко роден во Јамајка.
Оваа сенаторка од Калифорнија е истакната афроамериканска политичарка, но со задоволство ги истакнува и своите индиски корени.
Сенаторката и нејзината сестра Маја пораснале во куќа исполнета со музика од американските црнечки уметници. Нејзината мајка обожавала да пее на госпелот на Арета Френклин, додека нејзиниот татко, љубител на џезот, кој предавал економија на Универзитетот Стенфорд, со задоволство ги пуштал Телониус Монк и Џон Колтрејн на грамофонот.
Шјамала Гопалан и Доналд Херис се развеле кога Камала имала пет години. Таа пораснала претежно со својата хиндуистичка самохрана мајка, истражувач на ракот и активистка за граѓански права. Камала, Маја и Шјамала биле познати како „Шјамала и девојките“. Нејзината мајка се погрижила двете ќерки да бидат свесни за своето потекло.
Мајка ми многу добро сфати дека воспитува две црни ќерки. Знаеше дека нејзината втора татковина ќе нѐ смета мене и Маја за црнкињи и беше решена да се погрижи да пораснеме како самоуверени црни жени – вели Камала.
Херис порасна прифаќајќи ја својата индиска култура, но живеејќи горд афроамерикански живот – напиша минатата година „Вашингтон пост“.
Кога во 2015 година се кандидираше за Сенатот, „Економист“ ја опиша Камала како „ќерка на индиска истражувачка на ракот и јамајкански професор по економија“ и „првата жена, првата Афроамериканка и првата Азијка што служи како јавен обвинител во Калифорнија“.
55-годишната Херис вели дека никогаш немала проблем со својот идентитет и дека едноставно се опишува себеси како „Американка“.
Во видео со индоамериканската комичарка и глумица Минди Калинг, објавено на Јутјуб-каналот на Камала Херис за време на претседателската кампања, тие две заедно готват индиска храна и разговараат за заедничкото јужноиндиско потекло.
Во вторникот, Калинг ја нарече кандидатурата на Камала Херис за потпретседател „возбудлив ден, особено за моите црнечки и индиски сестри“.
Во 2014 година Харис се омажи за Евреинот адвокат, Даглас Емхоф.
Јавниот имиџ на Камала Херис повеќе е поврзан со нејзиниот идентитет на афроамериканска политичарка, особено неодамна за време на дискусиите за расата и движењето „Црните животи се важни“. Но и Индоамериканците ја сметаат за своја и нејзината кандидатура сугерира пошироко прифаќање на индиските и јужноазиските заедници во САД – пишува „Би-би-си“.
Во нејзините скоро два мандати како јавен обвинител, стекна репутација на една од ѕвездите во подем на Демократската партија, искористувајќи го овој импулс за да го придвижи својот избор за помлад американски сенатор од Калифорнија во 2017 година.
Херис во почетокот на минатата година ја поднесе својата кандидатура за претседател. Таа се обиде да зачекори по тенката линија помеѓу прогресивните и умерените крила на нејзината партија, но на крајот не припадна во ниедно и ја повлече својата кандидатура во декември пред првиот демократски натпревар во Ајова во почетокот на 2020 година.
По неколку месеци, беше одбрана за партнер во кандидатурата на Бајден.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.