Вухан потврди пет нови случаи на коронавирус во време кога Кина бележи благ раст на бројот на заразени. Кина денеска потврди 17 новозаразени, три повеќе од неделата.
Големата метропола со 11 милиони жители, која беше ставена во карантин повеќе од два месеци на крајот на јануари, беше особено погодена од новиот коронавирус, кој зарази скоро 83.000 луѓе во Кина и уби 4.633 луѓе, според официјалните податоци.
Нивото на епидемиолошки ризик во таа област е подигнато од „ниско“ на „средно“, соопштија надлежните.
Вухан се сметаше за област на „низок“ ризик од укинување на забраната за излегување надвор на 8 април, а таму активноста постепено продолжи со строги санитарни мерки по четири месеци принуден одмор поради вирусот.
Кина извести за уште 13 нови случаи со КОВИД-19 во неделата, а за прв пат од 1 мај бројот на случаи во еден ден е двоцифрен.
Новите жаришта на коронавирусот во Кина и Јужна Кореја загрижуваат заради очигледната способност на вирусот да продолжи неприметливо да се шири.
Иако тој број е далеку помал од оној кој секојдневно се пријавува ширум западна Европа и САД, враќањето на вирусот, особено во град со толку интензивен надзор и рестрикции како што е Вухан, ја доведува во прашање одржливоста на повторното отворање на градовите, пишува Си-Ен-Ен.
Кина и Јужна Кореја ја совладаа епидемијата на коронавирусот благодарејќи на мерките за социјално дистанцирање и силен надзор, но баш во моментт кога животот почна да се враќа во нормала во тие земји, се појавија нови резервоари на заразата.
Јужнокорејскиот претседател Мун Џае Ин предупреди на втор бран на епидемијата, откако дојде до пораст на бројот на нови случаи, што се поврзува со ноќните клубови во Сеул, кој ги посетувал маж во доцните 20-ти години, за кој испаднало дека е позитивен на вирусот.
Во Кина исто така се воведени нови рестрикции, откако во два града се појавија нови случаи на коронавирусот.
Градот Шулан во провинцијата Јилин во североистокот вовел мерки за затворање откако биле потврдени 11 заразени. Јилин се граничи со Русија и Северна Кореја, заради што во таа провинција и претходно владееше загриженост за увезени случаи.
Уште поалармантно е што нови случаи се појавија во Вухан од каде почна епидемијата, а кој на крајот на минатиот месец почна да се враќа на релативно нормалниот живот по 76 дена изолација.
Градските власти пријавиле пет нови случаи, од кои сите се локално пренесени.
Би можело да биде дека новите случаи ќе бидат брзо сузбиени, но тоа што двете земји кои, како што изгледаше дека ја држеа епидемијата под контрола, пријавија нови случаи на локално пренесување, мора да загрижува, наведува Си-Ен-Ен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.