Велика Британија ја повика Русија да одговори на прашањата во врска со труењето на опозицискиот лидер Алексеј Навални, бидејќи, како што наведуваат, скоро е сигурно дека руските разузнавачки служби го отруле со нервниот отров „новичок“.

Британскиот министер за надворешни работи Доминик Раб на состанокот со американскиот државен секретар Мајк Помпео во Вашингтон, изјави дека „руската влада има обврска да објасни што му се случило на Навални“.

За нас, употребата на хемиско оружје е неприфатлива и многу е тешко да се види какво било прифатливо алтернативно објаснување во врска со фактот дека (нападот врз Навални) го извршиле руските разузнавачки служби – изјавил Раб.

Пред два дена, Навални објави фотографија од берлинската болница на Инстаграм и наведе дека сега може да дише самостојно.

Еден од најголемите противник на претседателот на Русија, Владимир Путин, беше пренесен во Берлин на 20 август, неколку дена откако му се слоши на летот за Москва. Тој првично беше пренесен во болница во сибирскиот град Омск.

Германија наведе дека лабораториските тестови во три земји утврдиле дека Навални е отруен со нервниот агенс „новичок“, по што западните влади побарале објаснување од Русија.

Москва ги отфрла обвинувањата како неосновани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.