Заедничкиот комитет за вакцинација и имунизација на Велика Британија донесе одлука дека бремените жени треба да се сметаат за ризична група за Ковид и треба брзо да се вакцинираат.

Експертскиот владин тим соопшти дека има „сè поголеми докази дека бремените жени се изложени на зголемен ризик од компликации од Ковид-19“.

Според новите податоци објавени од Агенцијата за здравје и безбедност на Британија, на островот починале 34 жени откако се заразиле со Ковид за време на бременоста. Според лекарите, починале и четири новороденчиња.

Истражувањата покажуваат дека стапката на смртност за бремени жени обично е околу девет на 100.000, што е еквивалентно на приближно 60 трудници годишно. До крајот на октомври оваа година биле пријавени 27 смртни случаи само од компликации на Ковид-19, што е речиси двојно повеќе од бројот на починати трудници, покажува анализата на Универзитетот во Оксфорд.

Од 16 мај до крајот на октомври годинава во болница се примени 1.436 трудници со симптоми на Ковид-19, од кои 230 се лекувани на одделенијата за интензивна нега. Повеќе од 96 отсто од овие жени биле невакцинирани. Само 16 хоспитализирани жени примиле две дози од вакцината.

Велика Британија ги повика сите трудници кои не се вакцинирани да закажат термин за вакцина, а жените кои примиле две дози може да добијат бустер доколку ја примиле втората доза најмалку три месеци претходно.

Сериозните ризици за жените кои се инфицираат со Ковид-19 за време на бременоста стануваат се појасни. Знаеме дека вакцините што се користат во програмата за вакцинација против корона вирус се многу ефикасни во спречувањето на сериозни компликации, а оние што се препорачуваат за бремени жени имаат добра репутација за безбедност. Би ги повикал сите трудници да се јават и да ја примат вакцината без одлагање. Тоа е најдобриот начин да се заштитите себеси и вашето бебе – изјави Гајатри Амирталингам од Агенцијата за здравје и безбедност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.