Водечкиот научник од рускиот институт „Гамалеја“, што ја разви вакцината, „Спутник“, Александар Гинтсбург, изјави дека таа вакцина е помалку ефикасна против јужноафриканската мутација на Ковид-19, но тоа намалување на ефикасноста е помало отколку кај другите вакцини.

Кога станува збор за јужноафриканската варијанта, ефикасноста на антителата произведени од „Спутник“ се намалува, како што е случајот со сите други вакцини – вели Гинтсбург, пренесува „Ројтерс“.

Вакцината „Спутник“ била тестирана во лаборатории во САД за британскиот и јужноафриканскиот сој, како и за оригиналниот вид на корона вирусот, што првпат беше откриен во кинеската провинција Вухан.

Лабораториите користеле примероци на крв од луѓе заразени со Ковид-19 во Аргентина – објасни Гинтсбург.

Тој додаде дека руските научници не учествувале во тие тестови.

Резултатите од студијата на „Спутник“ за корона вирусот од Вухан ги потврдиле наодите направени од научници од тимот на Гинтсбург во московскиот институт „Гамалеја“.

Исто така, докажано е дека од сите вакцини што моментално се користат во светот, „Спутник“ најдобро ја неутрализира варијантата што ја нарекуваме британска – вели Гинтсбург.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.