Германската компанија „Бајонтех“, која обезбеди докази за ефикасна вакцина против Ковид-19, планира цената на двете дози вакцина да биде под „типичните пазарни нивоа“ и ќе има различни цени во земјите или регионите.

Во говор на онлајн настан на „Фајненшл тајмс“, стратешкиот директор на германската биотехнолошка фирма Рајан Ричардсон изјави дека цената на вакцината, која е заеднички развиена со „Фајзер“, но сè уште не е одобрена од регулаторните тела, ќе ги одразува финансиските ризици на инвеститорите од приватниот сектор и ќе биде во согласност со состојбата во која се наоѓа светот во моментов.

Се обидовме да спроведеме избалансиран пристап кој ќе препознае дека иновациите бараат капитал и инвестиции, па затоа планираме цената на нашата вакцина да биде далеку под типичните стапки на пазарот, одразувајќи ја ситуацијата во која се наоѓаме и со цел да обезбедиме широк пристап секаде во светот. Очекувам да има различна цена во одредени региони во светот – изјави Ричардсон, одбивајќи да образложи за разликата во цените.

По прелиминарните анализи во рамките на третата фаза од испитувањето, американскиот „Фајзер“ и германскиот „Бајонтех“, објавија дека нивниот кандидат за вакцина против корона вирусот има „90 процентна ефикасност“, што било утврдено „седум дена по примањето на втората доза“.

Вакцината сè уште чека „зелено светло“ од здравствените власти, а „Фајзер“ и „Бајонтех“ најавија дека планираат да испорачаат 1,3 милијарди дози во текот на 2021 година.

Европската комисија е во преговори со овие компании за договор за испорака на 300 милиони дози за земјите-членки.

Вакцината веќе се произведува во Белгија и во државата Мичиген во САД.

Веќе произведовме стотици илјади дози на двете локации – потврди Коен Колперт од белгиската компанија „Фајзер“.

Новата вакцина на „Фајзер“ и „Бајонтех“ бара складирање на ултра ниска температура од минус 70 степени Целзиусови, што може многу да ја комплицира нејзината испорака.

Според Гордон Дуган, професор на Универзитетот во Кембриџ, повеќето вакцини се чуваат на температура од плус 4 Целзиусови степени или пониска, но не и на минус 70 степени. Ова може да го отежни доставувањето на вакцината до болниците.

Мајкл Хед, виш соработник на Универзитетот во Саутемптон, исто така верува дека вакцината ќе се соочи со проблеми во логистиката и дистрибуцијата. Според него, складирањето на лекот на минус 70 степени е тешко да се постигне за британските медицински институции и уште повеќе за други земји.

Според Александар Едвардс од Универзитетот во Ридинг, деловните субјекти и институтите за истражување брзо ќе реагираат на побарувачката за специјална опрема потребна за чување на вакцината.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.